Миладиновци – Штип: Изградба, провизии и доцнења (хронологија)

Миладиновци – Штип: Изградба, провизии и доцнења (хронологија)

Идниот автопат ќе биде широк 27,4 метри, со по две коловозни ленти и една лента за застанување во секој правец. На трасата се изградија седум клучки, од кои најсложена е онаа кај Миладиновци каде се спојува со трасите на Коридорите 8 и 10.

Со пробиен рок на изведба од дури две години, деновиве се привршуваат подготовките за пуштање во употреба на автопатот Миладиновци – Штип. Неговата изградба започна на 21 февруари 2014 година, со ветување од тогашната влада дека делницата долга 47 километри ќе биде завршена до 1 мај 2017 година. За проектот вреден 206 милиони евра кон крајот од 2013 година се подигна кредит од кинеската „Ексим“ банка, откако претходно владата не успеа да пронајде приватна компанија што би го градела и би собирала приходи од патарините на автопатот.

Владата на ВМРО – ДПМНЕ успеа да ја избере кинеската компанија „Синохидро Корпорешјн Лимитид“ за изведувач на овој автопат. Преку објавувањето на „бомбите“ на СДСМ подоцна ќе се покаже дека тогашните владини челници успеале да издејствуваат провизија при изборот на изведувач на работите. На 26 – ти март, Зоран Заев ја објави 14. „бомба“, во која се слушнаа аудио снимки за договарање провизија што треба да ја земе власта од зделката со „Синохидро“.

При промената на власта, во мај 2017 година беа завршени само 60% од севкупните работи пред пуштање во употреба на проектот. Првичниот рок од 1 мај 2017 година се проби неколку пати и за време на актуелната владејачка гарнитура. Наместо до 30 септември 2018 година, автопатот се довршуваше уште неколку месеци потоа. Последниот краен рок за отворање за сообраќај на автопатската делница е крајот на мај 2019 година.

Идниот автопат ќе биде широк 27,4 метри, со по две коловозни ленти и една лента за застанување во секој правец. На трасата се изградија седум клучки, од кои најсложена е онаа кај Миладиновци каде се спојува со трасите на Коридорите 8 и 10. Автопатот нема тунел, но долж трасата е поставена современа опрема – оптички кабли, заштитна ограда, заштитни бариери од бучава. Допрва треба да се градат двете патарини и да се постави видео надзорот. Максималната брзина на движење на овој автопат е 130 километри на час, а по него ќе се патува за најмногу 45 минути меѓу Скопје и Штип.

Извор: МЕТА

Прочитајте повеќе

Кочанскиот Центар

Убиецот зад кочанскиот фемицид доби доживотна казна

Донесена е пресуда за кривичното дело Убиство извршено при родово базирано насилство и на свиреп …