Минхен: Мерц и новиот светски поредок

Минхен: Мерц и новиот светски поредок

Досегашниот светски поредоке уништен, Германија и Европа мора повторно да се преориентираат – германскиот канцелар Фридрих Мерц ја отвори 62-та Минхенска безбедносна конференција со оваа отрезнувачка изјава. „Овој поредок, колку и да бил несовршен дури и во своите најдобри времиња, повеќе не постои“, рече Мерц.

Политичарот за првпат зборуваше како канцелар на најважниот меѓународен форум за безбедносна политика, иако е негов гостин со децении. Најблиското минато донесе длабоки промени, вели Мерц. Руската „брутална војна против Украина“, нејзиниот „насилен ревизионизам“, глобалните амбиции на Кина и реакцијата на САД на тоа – се примери за новата политика на големите сили, која Мерц ја критикува како „опасна игра“. Со ова, канцеларот укажува и на растечката дистанца кон САД под претседателот Доналд Трамп.

Поглед одозгора на сала во која германскиот канцелар меркел се обраќа пред присутните гости од говорницата.
Дипломатски „спиддејтинг“: Повеќе од 60 шефови на држави или на влади се среќаваат во хотелот „Бајеришер Хоф“ во Минхен

А што значи ова за Германците и Европејците? Тие мора да ја признаат оваа нова реалност, бара Мерц, но да не ја прифатат како некоја неизбежна судбина. „Не сме оставени на оваа ситуација. Можеме да ја обликуваме.“ И тоа преку слободна, безбедна и конкурентна Европа, нагласува канцеларот. „Суверена Европа е нашиот најдобар одговор на новото време. Обединувањето и зајакнувањето на Европа е нашата највисока задача денес.“ Европа мора да стане светски политички фактор, со своја безбедносна стратегија. „Таа Европа ни е повредна денес од кога било.“

Берлин сака да ја зајакне својата воена моќ

Мерц фрла самокритичен поглед на надворешната политика на Германија во изминатите децении. „Таа често предупредуваше, бараше и опоменуваше. Но, не беше доволно загрижена поради тоа што често недостасуваа ресурси за да се обезбеди решение.“ Тоа ќе се промени сега, вети Мерц.

Уште во мај минатата година, Мерц постави цел да го зајакне Бундесверот и да стане најсилната конвенционална армија во Европа. Тој го повтори ова на Минхенската безбедносна конференција (МСЦ), на која годинава учествуваат повеќе од 60 шефови на држави и влади.

„Ја завршивме нашата домашна задача, драстично го зголемивме буџетот за одбрана“, вели министерот за одбрана Борис Писториус во интервју за ДВ на МСЦ. „За 2026 година достигнавме 108 милијарди евра. Направивме сè што можеме.“ Ова е највисокото ниво од крајот на Студената војна. САД, исто така, го забележаа тоа, вели политичарот.

Дали Германија сака да се приклучи во играта на големите сили? Не, смета канцеларот. „Никогаш повеќе ние Германците нема да одиме сами. Тоа е трајна лекција од нашата историја.“

Германски војници маршираат во формација на снег
Поголема одговорност за Германија: Војници на германските вооружени сили во Литванија

Во својот говор, Мерц нагласи што Германија веќе прави заедно со партнерите од НАТО, како што е формирањето бригада во Литванија. „За прв пат во историјата на Бундесверот, се формира голема воена формација надвор од нашата територија.“

Бундесверот таму ја воспоставува оклопната бригада 45, како реакција на заканата од Русија. До 2027 година, бригадата со 4.800 војници треба да биде целосно оперативна. Во петокот, портпаролот на Министерството за одбрана ги демантираше медиумските извештаи дека Бундесверот нема доволно волонтери за формирање бригада.

Нов почеток со САД?

Мерц се обидува да покаже дека и Германија и Европа ги штитат интересите на САД. Тој наведува дека првите германски борбени авиони Еурофајтер штотуку се префрлени на Исланд. НАТО сака да ги одврати Русија и Кина од далечниот север – цел која американскиот претседател Доналд Трамп повеќепати ја нагласи.

Потоа Мерц премина на англиски јазик и директно ѝ се обрати на американската делегација со „драги пријатели“. „Во време на соперништво на големите сили, ни САД нема да бидат доволно моќни сами да постигнат сè”, им порача. Членството во НАТО не е стратешка предност само за Европа, туку и за САД. Затоа трансатлантската доверба мора да се поправи и обнови. Европа го дава својот придонес.

Американскиот државен секретар Марко Рубио и германскиот канцелар Фридрих Мерц се ракуваат. Зад нив се гледаат знамињата на САД, Германија и на ЕУ
Американскиот државен секретар Марко Рубио и германскиот канцелар Фридрих Мерц ја искористија можноста за кратка билетерална средба во Минхен

На минатогодишната Минхенска безбедносна конференција, американскиот потпретседател Џ.Д. Венс привлече внимание со своите остри критики кон Европа. „Тој беше во право“, рече Мерц, осврнувајќи се на јазот меѓу САД и Европа кој Венс тогаш го опиша.

Но, тој веднаш прецизираше каде не се согласува со Венс. „Ние не веруваме во царини и протекционизам, туку во слободна трговија. Ние се држиме до климатските договори и до Светската здравствена организација.“ Аплауз одекна во салата на хотелот Бајеришер Хоф.

Годинава, американската делегација ја предводи државниот секретарМарко Рубио.Со нетрпение се очекува дали тој ќе ги критикува Европејците дека премногу се потпираат на САД во безбедносните прашања во својот денешен говор – или ќе заземе попомирувачки тон.

Извор: DW

Прочитајте повеќе

рек битола ЕСМ

СДСМ: Новиот директор на РЕК Битола – уште една алка од бизнис шемата на Мицкоски

Соопштение за јавност на СДСМ Назначувањето на пензионерот Иван Куковски за директор на РЕК Битола …