Додека се чека седницата на Економско-социјалниот совет во средина на март и одлука дали и за колку ќе се зголеми минималната плата, премиерот Мицкоски обвини дека Сојузот на синдикати е гласноговорник на опозицијата, а Сојузот се жали на притисоци и најавува штрајк. Во буџетот не се предвидени пари за дополнителни придонеси што би ги плаќала Владата на повисок минималец од 30.000 денари.
Владата на седница во вторник, 11 март, ќе предложи тројца членови на Комисијата за утврдување на репрезентативност кој треба да пресече кој од синдикатите ќе преговара во име на работниците. Потоа, на средина на март, треба да се одржи седница на Економско-социјалниот совет(ЕСС) кој треба да одлучи дали и колку би се зголемила минималната плата што сега е 22.567 денари.
Тоа е формалниот пат за да се „откочи“ процесот на преговори во кој Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) побара 30.000 денари минимална плата, работодавачите се противат ако притоа не се зголеми продуктивноста, а премиерот Мицкоски рече дека Владата нема пари во буџетот за да субвенционира придонеси за повисок минималец.
Ако нема договор пред 31 март, извесно е само редовното мартовско усогласување, што според пресметките би било околу 1.800 денари. Со, тоа, минималната плата од април би била околу 24.300 денари.
И во Комисијата за утврдување на репрезентативност и во ЕСС има членови на Владата, на синдикатите и на работодавачите. Засега, трите страни се далеку од договор.
Рововска битка за Сојузот на синдикати на Македонија
ССМ има бројност за да докаже дека е репрезентативен синдикат на работниците, вели Иван Пешевски, потпретседател на ССМ, за Радио Слободна Европа(РСЕ). Според него, преиспитувањето на репрезентативноста е форма на притисок од Владата врз ССМ.
Еден синдикат е репрезентативен ако во него членуваат 10 отсто од бројот на вработени во државата.
„Наш апел е Владата помалку да се занимава со репрезентативноста на ССМ и со ЕСС, туку да си ја заврши својата работа. Ние нема да отстапиме од барањето за 500 евра минимална плата, па тие нека одлучуваат дали ќе субвенционираат или не. Ќе ги чекаме до крај на март, а април и мај ќе бидат месеци за протести и штрајкови“, изјави Пешевски.
Премиерот Христијан Мицкоски, пак, обвини дека Сојузот на синдикати на Македонија е гласноговорник на опозицијата.
„Доколку мислите на предлогот што го дадоа здружената опозиција, Левица, СДСМ, ДУИ и ССМ – владата субвенционира придонеси до 30.000 денари – жалам што ССМ се претвора во гласноговорник на коалицијата Левица, СДСМ и ДУИ. Тоа што тие партии го говорат во парламент, ССМ го говори на прес конференции, но тие одбрале таков начин да функционираат. Жалам што во минатото изостана овој предлог“, изјави Мицкоски.
Од друга страна, Живко Митревски, поранешен претседател на ССМ, на прес-конференција на 6 март кажа дека дека актуелниот претседател на ССМ, Слободан Трендафилов, е нелигитимен претседател, посочи на финансиски малверзации во ССМ и побара Јавното обвинителство да поведе истражна постапка по допрен глас.
Митревски вели дека со судски одлуки е докажано оти две и пол години од неговиот мандат му биле насилно одземени во 2017 година, од кога и трае правната битка тоа да го докаже по судски пат. Затоа бара да се врати на чело на ССМ.
„Не е ова битка за фотелја. Но, моментално Владата и сите институциите преговараат со нелигитимен и со самопрогласен претседател на ССМ. Ако претходната влада не сакаше да спроведе владеење на правото, се надевам дека оваа влада ќе сака поради тоа што Македонија претендира да биде членка на ЕУ“, рече Митревски.
На прашање како оспорувањето на мандатот на Трендафилов се случува во ек на преговорите за минималната плата, Митревски рече дека тоа случајно се поклопило бидејќи неговата борба трае седум години наназад.
Кој што предложи
ССМ смета дека околу 24.400 денари месечно колку што би била минималната плата од април, се премалку за работниците имајќи ги предвид трошоците на живот. Затоа предложија минималецот да се зголеми на 30 илјади денари, а придонесите на големувањето од 6.000 денари да ги субвенционира државата.
Опозициската СДСМ предложи платите да се зголемат од 3.000 до 15.000 денари, без да се плаќаат придонесите за зголемениот дел. Со зголемувањето би биле опфатени околу 400.000 работници чии плати не надминуваат 65.000 денари.
„Ако просечното зголемување на платата биде 7.500 денари за 400.000 вработени, тогаш вкупното покачување на платите на национално ниво би било 585 милиони евра дополнителен приход за граѓаните годишно. Иако работодавачите нема да плаќаат придонеси за ова зголемување, тие сè уште ќе плаќаат данок на личен доход (10 отсто), што значи дека во државниот буџет ќе се слеат 58,5 милиони евра дополнителни приходи од данок на личен доход“, образложи Сања Лукаревска, пратеничка од СДСМ.
ВМРО-ДПМНЕ не ги прифаќа економските предлози на опозицијата. Според пратеникот Бојан Стојановски од ВМРО-ДПМНЕ, дијалог треба да има во Економско-социјалниот совет.
„Ние велиме нека се договорат работодавците и работниците, ако едните се сигурни дека можат да ја испорачаат продуктивноста, а другите можат да го издржат тоа и да го платат, тогаш ние како држава ќе прифатиме, за нас е прифатливо се што ќе се договорат тие две организации. Мислам дека тоа е демократско исправно решение“, рече Стојаноски.
И премиерот Мицкоски потврди дека дополнителни придонеси кои би ги плаќала Владата не се предвидени во буџетот.
„Не знам како работодавачите и работниците би се сложеле ако немаме репрезентативен претставник на синдикатите. Доколку се избере репрезентативен претставник и доколку тие и работодовачите се согласат за 30.000 денари плата, во која работододавачите целосно ќе ги исплатат приодонесите кон вработените, ние ќе го прифатиме и немаме проблем со тоа“, рече Мицкоски на 5 март.
Како да се издржи со сегашните плати
Кога ќе излезам од продавница застанувам пред врата и повторно ја пресметувам фискалната сметка. Сумата секогаш е повисока од што сум планирала…Три производи, од кои едвај еден ручек да направиш, се 1.000 денари најмалку, зборуваше скопјанката Милена М. за РСЕ, за тоа како поминува со пазарењето во маркетите за подготовка на храна за нејзиното четиричлено семејство.
„Килограм поевтино месо, нешто зеленчук и салата за еден ручек, толку чинат. Штедам колку се може, купувам од маркети во кои има попусти, комбинирам оброци да поминам поевтино, а пак најголем дел од платата оди за храна“, раскажа Милена.
Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) објави дека вредноста на минималната потрошувачка кошница за јануари изнесува 63.252 денари. Или, за една година поскапела за 6.000 денари, ако се спореди со јануари минатата година.
Премиерот Мицкоски ја доведе во прашање точноста на пресметките на минималната синдикална кошничка и истакна дека е неопходна измена во методологијата. Според него, спорно е што потрошувачка кошница, освен основните продукти, содржи и цигари, нескафе и сезонско овошје.
Според Миле Бошков, претседател на Бизнис конфедерација на Македонија, работодавачите и работниците можат да се договорат околу минималната плата „само ако се договорат дека можат овој статус кво да го издржат“.
„Тоа е вин-вин ситуација за работниците да го добијат ова зголемување од 1.800-2.000 денари на минималната плата, а останатите да си прават калкулации. Очигледно е дека нема расположение за субвенционирање на придонесите. Ова е состојба на мирно прифаќање на економската реалност“, рече Бошков за РСЕ.
За Виктор Митевски, извршен директор на Здружението за истражување и анализи (ЗМАИ), барањата за зголемување на минималната плата се оправдани, особено со оглед на зголемените трошоци за живот и стабилизирањето на инфлацијата.
Капацитетот на буџетот за покривање на трошоците од ваквото зголемување би зависел од неколку клучни фактори, вклучувајќи го растот на реалниот БДП во последните години и расположливите јавни приходи.
Според Митевски, реално спроведлива опција е минималната плата да се зголемува постепено, системски, како што се пресметуваше последниве неколку години, во согласност со растот просечната плата и инфлацијата.
„Ваквиот пристап ја задржува конкурентноста на пазарот и ги минимизира ризиците од инфлаторни притисоци. Ад-хок зголемување на минималната плата би бил само уште еден популистички потег кој може да донесе повеќе штета, отколку бенефит. Дополнително, а можеби и поважно од актуелизирање на прашање кое е веќе системски решено, е потребата Владата да воведе мерки за поддршка на малите и средни претпријатија, како субвенции за иновации и дигитализација, кои би ја зголемиле продуктивноста и би го олесниле финансискиот товар од повисоките плати. Ова е балансиран пристап што ги задоволува интересите на сите засегнати страни, а истовремено придонесува за природен и постепен раст на платите“, изјави неодамна Митевски за РСЕ.
Минималната плата во Северна Македонија се пресметува според методологија која претходната Влада, синдикатите и работодавците ја усогласија во февруари 2022 година. Меѓу критериумите за годишното усогласување на минималната плата се тоа да се прави со 50 проценти од годишниот раст на платата и 50 проценти од растот на трошоците за живот. Како новина тогаш беше вметнат условот минималецот да не биде понизок од 57 проценти од просечната плата во државата што ја објавува Државниот завод за статистика.
Според законот, минималната плата ја предлага Министерството за економија и труд по претходна согласност од Економско социјалниот совет.
Извор: РСЕ