Министерката за одбрана Славјанка Петровска утрово пристигна во Украина, во знак на поддршка на украинското лидерство и украинските граѓани во борбата за одбрана на својата земја и зачувување на својот суверенитет. Како што соопштија од нејзиниот кабинет, таа во Украина при средбите со претставници на официјален Киев ќе го пренесе ставот кој Северна Македонија го има од почетокот на руската агресија, дека ги поддржува Украинците.
„Северна Македонија целосно го поддржува украинскиот суверенитет во своите меѓународно признати граници и дава поддршка на правото на Украина за самоодбрана. Воените дејствија, уништувањата и страдањата на украинскиот народ мора веднаш да запрат“, наведено е во соопштението од Министерството за одбрана.
Во него стои дека министерката во Украина лично ќе се запознае со последиците од уништување и разорување предизвикани од руската агресија, а од претставниците на официјален Киев одблиску ќе се информира за состојбата на терен.