Министерот во Владата на Република Македонија задолжен за дијаспора, Едмонд Адеми, во придружба од директорот на Агенцијата за иселеништво, Никола Шалваринов, од 01 до 05 септември 2018 година ќе престојува во работна посета на Сојузна Република Германија и Република Австрија.

По покана од претседателот на Сенатот и градоначалник на Бремен, Карстен Силинг, делегацијата на 2 и 3 септември ќе учествува  на отворањето на еден од поважните настани за градот Бремен, „Недела на интеграција“, посветена на сите граѓани на Бремен кои се дојдени од други земји, а живеат и работат во Бремен, меѓу нив и наши сонародници по потекло од Република Македонија.

За време на посета на Германија и Австрија, делегацијата од Република Македонија, предводена од министерот Адеми,  ќе се сретне и со претставници на здруженија и асоцијации на дијаспората по потекло од  Република Македонија во Берлин, Бремен и Хамбург, СР Германија и во Виена, Австрија.

Воедно,  министерот Адеми со делегацијата, покрај средбите со претставниците на дијаспората, во Берлин, на 4 септември, ќе има средби и со група пратеници од Германскиот Буденстаг.

На 5 септември во Виена, министерот Адеми  ќе има средби со претставници на Македонската црковна заедница во Виена, како и со организации и здруженија на дијаспората по потекло од Република Македонија.