Министерот Димковски во посета на Прилепскиот регион: Откупот тече без проблеми, откупени 80 отсто од произведениот тутун

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Трајан Димковски денеска беше во работна посета на Прилепскиот регион. Заедно со директорот на Државниот земјоделски инспекторат, Зоран Шапуриќ, градоначалникот Илија Јованоски и претседателот на Совет на општина Прилеп, Миле Талевски, министерот Димковски го посети откупниот пункт на Тутунскиот Комбинат и изврши увид во начинот на кој се одвива процесот на откуп на тутун.

„Досега се откупени 80% од планираните количини на тутун, односно 20 милиони килограми тутун со просечна цена од 222,5 денари. Или искажано во пари 4,3 милијарди денари од кои 4,1 милијарда е веќе исплатена на тутунопроизводителите. Постигната е историски највисока откупна цена. За споредба, минатата година имавме просечна цена од 214 денари за еден килограм тутун, во 2017 таа изнесуваше 217, во 2015 беше 185 денари, додека во 2014 година тутунот се откупуваше за просечна цена од 118 денари за килограм. Очекуваме дека до крајот на откупната сезона ќе бидат преземени дополнителни 5 до 6 милиони килограми, кои се надвор од договорите. Откупот продолжува според планираната динамика“, изјави министерот Димковски.

Тој истакна дека околу 35% од откупениот тутун е проценет во прва класа, што значи дека ќе се зголеми и просекот на субвенциите кои ќе им бидат исплатени на тутунопроизводителите.

Директорот на прилепскиот Тутунски Комбинат, Кире Станкоски ги демантираше шпекулациите на дополнителниот министер во техничката Влада, дека во одредени населени места откупот бил дваесетина дена во прекин. Таквите дезинформации, како што рече Станкоски, имале за цел да внесат несигурност кај кооперантите.

„Целта на таа изјава беше да се внесе несигурност кај нашите кооперанти. Откупната 2019 година ја завршивме на 31 декември. Кога видовме дека имаме откупено 80% од тутунот, ги поврзавме 2 и 3 јануари со Божикните празници, после кои веднаш продолживме со откуп. Тоа е ноторна лага, Тутунски Комбинат работи со полна пареа, со сите пунктови и сите ваги“, истакна Станкоски.

Директорот на Државниот земјоделски инспекторат, Зоран Шапуриќ нагласи дека досега до второстепената комисија за жалби не е поднесен ниту еден приговор.

„Доколку некој е незадоволен, согласно законот може да поднесе жалба, но досега нема. Инспекторите се на терен и досега не се евидентирани поголеми проблеми. Имаше во јавноста шпекулации дека одредени пунктови во источниот дел од Македонија се затвораат. Се затвораат само оние каде се откупени 100% од произведениот тутун“, потенцираше Шапуриќ.

Менде Стомнароски, претседател на Сојузот на тутунарски здруженија, рече дека претставниците на Сојузот се постојано на терен и дека оние 4.000 тони неоткупен тутун во Долненскиот регион, ќе бидат откупени до крајот на откупната сезона.

„Досега динамиката на откуп во Долненскиот регион беше малку послаба. Пунктовите беа отворени, но тутунот не се носеше со истата динамика како на другите места. Имаме уште 35 денови за откуп и за тие 4.000 тони проблем нема да има“, нагласи Стомнароски.

Министерот Димковски, првиот човек на Државниот земјоделски инспекторат Шапуриќ, градоначалникот Јованоски и претседателот на општинскиот Совет Талевски, го посетија и откупниот пункт во с.Мало Коњари. Тие разговараа со земјоделците од ова и околните населените места и одговараа на прашања кои се од интерес на жителите од овој регион.

Прочитајте повеќе

Избори во Русија: Путин се велича и се колне во единство

Резултатот е очекуван: Владимир Путин шест натамошни години ќе остане на чело на земјата. Вистинска …