European Film Promotion оваа година ја избра младата македонска актерка Сара Климоска како една од десетте европски актерски откритија – European Shooting Stars 2021, информираат од Агенцијата за филм на РСМ.
„Оваа манифестација се одржува во рамките на Меѓународниот филмски фестивал во Берлин и важи за една од најпрепознатливите обележја на Берлинале, каде актерите кои се избрани имаат неверојатно искуство и можност за воспоставување на контакти со европски кастинг агенции, филмски професионалци и етаблирани актери од Европа“, велат од Агенцијата за филм.
Оваа година 24. издание на European Shooting Stars, ќе се одржи дигитално во период од 23 до 25 февруари, една недела пред 71. издание на Берлинале, додека официјалната церемонија за доделување на наградите за European Shooting Stars ќе се случи во Берлин во јуни 2021, кога ќе се одржува и дел од програмата со проекции на филмовите на фестивалот.
Во оваа престижна селекција, Сара Климоска е избрана заедно со уште девет актерски имиња од Финска, Франција, Германија, Унгарија, Литванија, Ирска, Холандија, Португалија и Шведска, а поради нејзината улога во дебитантскиот филм на Игор Алексов – „Лена и Владимир”, во продукција на Минд Продукција.
Во филмот „Лена и Владимир“, Сара ја глуми 16-годишната Лена, која никогаш се нема вљубено претходно, покрај средовечниот Владимир (Тони Науновски), кој пак има загубено сè што љубел претходно. Заедно доживуваат пролет во еден ладен јануари и се вљубуваат во животот. Сценариото е на Александар Русјаков. Филмот е поддржан од Агенцијата за филм, којшто е завршен минатата година, но сè уште не е прикажан.
Од нашата земја досега од оваа програма биле дел Благој Веселинов во 2019, Наташа Петровиќ во 2011 и Лабина Митевска во 1998 година.
Извор: МЕТА