Млади иноватори креираа дигитални решенија за инклузија на деца и млади со попреченост

Млади иноватори креираа дигитални решенија за инклузија на деца и млади со попреченост

Викендов, се одржаа тридневни „дизајн тинкинг“ (design thinking) работилници на кои педесетина млади иноватори од нашата земја работеа на нивните дигитални решенија за премостување на бариерите со кои децата и младите со попреченост се соочуваат во образованието и секојдневниот живот. Овој младински предизвик е дел од партнерството на Фондацијата „Телеком за Македонија“ и УНИЦЕФ за намалување на дигиталниот јаз и користење на технологијата за еднаква вклученост на децата и лицата со попреченост.

„Истражувањата покажуваат дека децата со попреченост имаат подобар образовен и социјален успех кога учат рамо до рамо со своите врсници во редовните училишта. Исто така, истражувањата велат дека вклучувањето на децата со попреченост им помага на сите деца во училницата да научат што е емпатија, праведност, соработка и солидарност, а дека, пак, со овие вредности, се подобруваат оценките и училишните резултати“, изјави Патриција Ди Џовани, претставничка на УНИЦЕФ.

Тимовите на возраст од 14 до 24 години, креираа иновативни решенија како: бионичка рака и паметна инвалидска количка, па сѐ до мобилни апликации за подобра комуникација и учење. Беа избрани пет тима кои добија финансиски средства и дополнителна менторска поддршка за развивање на своите идеи.

„Најголемиот предизвик на нашето време не е како да изградиме дигитално општество, туку како да изградиме фер дигитално општество, каде ќе има место за сите, без исклучок. Најдобриот начин да направиме чекор напред е да ги поттикнеме младите да креираат решенија и да ја користат технологијата како алатка која треба да им служи на луѓето. Сите тимови кои беа дел од овој младински предизвик покажаа дека само треба да им се даде „ветер в грб“ на младите за да можат да ги поместат границите“ – изјави Никола Љушев, главен извршен директор на „Македонски Телеком“.

Во јуни 2020 година, две финални решенија од земјата ќе конкурираат на светско ниво. Овие решенија ќе имаат шанса за дополнителни средства во износ до 20.000 долари, заедно со глобална програма за инкубација од партнерите на Generation Unlimited.

Извор: МЕТА

Прочитајте повеќе

Дизелот поевтинува, бензините поскапуваат

Дизелот поевтинува, бензините поскапуваат

Нафтените деривати од вечерва со нови цени, одлучи Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги …