Младите од шест општини избраа зелени проекти кои ги бараат од идните градоначалници

Младите лица од општините Аеродром, Карпош, Кисела Вода, Чаир, Куманово и Прилеп им доставија конкретни зелени проекти на кандидатите и кандидатките за идни градоначалници на овие локални самоуправи. Преку проектот „Младински Дигитален Еко-активизам за Зелени Општини“, еколошкото здружение „Гоу Грин“ успеа да ги вклучи младите да дадат свои идеи и предлози за идниот развој на општините, но и да ги обврзат претставниците на партиите и независните кандидати дека ќе ги исполнат заложбите на младите во нивниот мандат од четири години.

Елена Ацевска, програмски координатор за младински еко-активизам од „Гоу Грин“ за „Мета.мк“ објаснува дека преку дигиталниот прашалник „Мојот предлог за зелена општина“ биле собрани повеќе од 600 предлози на младите од овие шест општини, при што преку оформените зелени комисии во секоја од општините, биле избрани по околу 10 најдобри проекти за секоја општина, кои биле преточени во формални документи. За нив, во предизборниот период било побарано од кандидатите и кандидатките во шесте општини да потпишат написмено заложба дека ќе се обврзат оти ќе ги исполнат за време на нивниот мандат.

„Во процесот на потпишување се вклучија околу 20 кандидати за градоначалници од повеќе политички партии и истите тие се заложија дека во наредниот период доколку станат градоначалници ќе ги исполнат барањата на младите“, објаснува Елена Ацевска од „Гоу Грин“.

Таа додава дека и по завршувањето на двата изборни круга од локалните избори ќе ги држат за збор идните градоначалници и градоначалнички.

„По завршувањето на изборите, ние би стапиле во контакт со младинските совети, како и со младинските службеници, како би ги доставиле и до нив предлозите од младите и би очекувале помош од нив понатаму во процесот на потсетување на градоначалниците“, вели Ацевска.

„Мета.мк“ разговараше и со една од претставничките во Зелената комисија на скопската општина Карпош. Бисера Батаклиева е младинска активистка и волонтерка во „Гоу Грин“, која ни изјави дека младите од Карпош изминатиов период доставиле 100-тина предлози и идеи за зелен развој на оваа локална самоуправа.

„Јас заедно со комисијата од Карпош имавме обврска да ги избереме 10-те најдобри. Тие најдобри беа: поставување на дрворед околу Сити мол, да се постави систем за селектирање на отпадот, што беше доста важно, да се постави компостара, што ни е исто така многу важно, сакаме да се постават велосипедски паркинзи, да се обнови мостот Обединети Нации“, вели Бисера Батаклиева.

Бисера вели дека сите проекти за зелен развој на општините се битни, бидејќи важно е да разговараме за природата и за екологија, а со овој проект ги вклучуваме младите во овие прашања.

„Сметам дека тој којшто ќе биде избран за градоначалник или градоначалничка, ќе може да го постигне тоа во мандатот којшто ќе следи. За тие четири години тоа е достижно“, додава младинската активистка.

Бисера Батаклиева појаснува дека зелените проекти коишто ги избрале за општина Карпош се најосновни, но и најважни.

„Сметам дека со овој проект го покажуваме гласот на младите и сметам дека тој што ќе биде градоначалник ќе го слушне овој глас на младите и се надевам дека ќе ги исполни сите предлози коишто ги понудивме, а сум сигурна дека барем еден ќе исполни, а и тој еден да е, и тој ќе направи промена“, децидна е Бисера.

Покрај во Карпош, младите и во другите пет општини побараа од идните градоначалници реализација на конкретни проекти.

Па така, во Кисела Вода младите бараат велосипедски патеки низ целата општина, како и реновирање на паркот во центарот на Драчево, но и да се направи план за селекција и компостирање на отпадот. Повеќе за предлозите на младите од Кисела Вода може да се прочита овде.

Во Чаир, младите бараат да се поправи фонтаната во паркот кај стадионот, да се постави апарат за рециклирање пластика пред општинската зграда, а меѓу проектите е и зазеленувањето на просторот спроти Џамијата Султан Мурат.

Младите од Аеродром пак, бараат од идниот градоначалник да го среди каналот во населбата Лисиче, кој е обраснат со треви и полн со ѓубре. Исто така, тие бараат расчистување на дивите депонии, особено во Ново Лисиче, како и вело паркинзи.

Од идниот кумановски градоначалник, младите лица бараат преместување на депонијата од населбата Средорек, како и велосипедски патеки на улиците Гоце Делчев и Доне Божинов.

Меѓу доставените предлози од младите во Прилеп, по локалните избори од прилепскиот градоначалник се бара да изгради велосипедска патека од населбата Варош до болницата, како и изградба на парк на миленици и компостара на периферијата од градот.

Од „Гоу Грин“ изработија и брошура во рамките на проектот, преку која младите од земјава имаат можност да научат што се зелени општини и дека постојат демократски алатки за вклучување во јавниот дискурс, во кој тие можат да направат промена.

Проектот „Младински Дигитален Еко-Активизам за Зелени општини“ е финансиран од Фондацијата Хајнрик Бол, чијшто регионален огранок е лоциран во Босна и Херцеговина.

Извор: МЕТА

Прочитајте повеќе

Градоначалникот Христоски на средба со министерот Нуредини, се решава проблемот со крушевската депонија

Градоначалникот на општина Крушево, Томе Христоски присуствуваше на средба со министерот за животна средина и …