Делегацијата на Европската Унија, заедно со „Јуроп Хаус“, ќе го одбележат Денот на Европа 2022 година преку низа активности организирани под слоганот #ThinkForward. Со оглед на тоа што 2022 година е Европска година на младите, програмата вклучува голем број активности поврзани со младите, информираат од Делегацијата на Европската Унија во Скопје.
Главниот јавен настан годинава ќе биде единствено уметничко искуство за сите сетила – концерт на меѓународно признатиот филмски композитор, продуцент и пијанист Дуке Бојаџиев. Концертот ќе се одржи на 8 мај во Градскиот парк во Скопје.
Програмата за Денот на Европа за 2022 година започна на 5 мај 2022 година со изложба на уметнички дизајнирани портрети на млади луѓе под наслов „Иднината на Европа“ поставена во трговскиот центар „Ист Гејт“ во Скопје.
„Северна Македонија има извонредни млади луѓе полни со талент, енергија и идеи, кои се вистински носители на европските вредности. Личностите прикажани на оваа изложба се само дел од многуте успешни млади луѓе од Северна Македонија. Тие беа избрани по случаен избор, врз основа на нивните достигнувања во одредени области, што ги претставува сите средини. Изложбата ќе биде отворена за јавноста до 05 јуни 2022 година“, се наведува во соопштението на Делегацијата на Европската Унија во Скопје.
Денеска се одржува младинската конференција #ThinkForward: МЛАДИТЕ АКЦИЈА СЕГА!, која што ги таргетира младите од Западен Балкан (WB6). Таа ќе биде во форма на динамично шоу, со вклучување во живо со Јуроп Хаус во Крива Паланка и Струмица, како и со младите во Приштина, Подгорица, Сараево, Тирана и Нови Сад. Амбасадорот Дејвид Гир, Шеф на Делегацијата на Европската унија и младите европски амбасадори Рената Пенчова и Александар Каратошо ќе имаат интеракција со младите од WB6 од Јуроп Хаус Скопје.
Работниот дел од конференцијата ќе се одржи на 9 и 10 мај во Младинскиот културен центар во Скопје, каде ќе се сретнат 30 млади луѓе од целиот регион на Западен Балкан за да разговараат за решенија за подобра свест за менталното здравје, зајакната регионална соработка и помирување како и за Европскиот зелен договор. Оваа конференција се организира со поддршка на Советот за регионална соработка (RCC) и скопскиот огранок на Регионалната канцеларија за младинска соработка (RYCO).
Младите учесници на конференцијата потоа ќе ги презентираат заклучоците од својата работа пред премиерот и ресорните министри од Владата на Северна Македонија – како партнери и клучни актери за промени на подобро. Ова ќе се направи на седницата „Преземање од страна на Владата“ на 12 мај во 13:30 часот, која Владата ќе ја пренесува во живо.
На 21 мај во Градскиот парк во Скопје ќе се одржи настан, на кој граѓаните ќе можат да ги искусат вкусовите на европската традиционална храна. Програмата за Денот на Европа во 2022 година ќе заврши на 5 јуни, како Светски ден на животната средина, со предавање на наградата Најзелена општина, што ја промовираше Делегацијата на ЕУ како дел од кампањата за промоција на Зелениот договор на ЕУ.
Дизајнот на визуелните слики за Денот на Европа во 2022 година е на Зоран Кардула.
Извор: МЕТА