Направена е ненамерна грешка при употребата на придавката за граѓаните на Северна Македонија, вакво уверување денеска дал Кабинетот на францускиот претседател Емануел Макрон во телефонски разговор со министерот за надворешни работи Бујар Османи, соопшти Министерството за надворешни работи (МНР).
Од Министерството велат дека покрај редовната комуникација со амбасадата на Франција во земјава, министерот имал телефонски разговор со Кабинетот на претседателот Макрон.
Од таму го потврдиле официјалниот став на Франција за целосно почитување на официјалното име на државата, државјаните на Северна Македонија, како и соодветните придавки, на начин како тие се дефинирани и прифатени во Обединетите нации, согласно Преспанскиот договор.
Францускиот претседател Емануел Макрон за време на дводневниот самит на ЕУ во Брисел минатата недела во два напрати граѓаните на земјава ги нарече Северномакедонци.
Извор: Радио Слободна Европа