Високата претставничка за недворешни работи на ЕУ Федерика Могерини, помошник-државниот секретар за европски и евроазиски прашања на САД, Арон Вес Мичел и министерот за надворешни работи на Албанија, Дитмир Бушати, денеска ќе престојуваат во работна посета на Македонија.
Могерини ќе има средби со премиерот Зоран Заев, со претседателот на државата Ѓорге Иванов, а ќе се сретне и со лидерот на опозицијата, Христијан Мицкоски.
Американскиот помошник државен секретар за европски и евроазиски прашања Арон Вес Мичел, пак, како што соопшти Стејт департментот, ќе има средби со премиерот Заев и со други официјални претставници за поддршка на Договорот од Преспа меѓу Македонија и Грција и претстојниот референдум на 30 септември. Мичел во Скопје ќе има средби и со претставници на парламентарните партии и на бизнис заедницата.
Следната седмица уште еден висок американски претставник ќе ја посети Македонија – секретарот за одбрана на САД, Џејмс Матис. Матис доаѓа во Скопје за да изрази јасна поддршка за претстојниот референдум за прашањето за името, но и загриженост поради можното мешање на Москва во процесот.
Во изминатиов период од дваесетина дена во Македонија дојдоа германската канцеларка Ангела Меркел, генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, австрискиот канцелар Себастијан Курц, министерите за надворешни работи на Луксембург и на Холандија, Жан Аселборн и Стеф Блок.
Извор: МЕТА