настава

МОН: Целта на реформите е да се обезбеди образование по светски стандарди

По најавите за протести низ земјава кои дојдоа од граѓанската иницијатива „Учебници и настава мора да има“, од Министерството за образование и наука (МОН) одговорија дека јавно и транспарентно одговориле на барањата кои оваа група ги доставила минатата недела како услови за повлекување од намерата за поттикнување на учениците да ја бојкотираат наставата. Од МОН преку соопштение за јавност и јавно ги објавија одговорите на барањата што ги поднела граѓанската иницијатива.

Од Министерството велат дека Законот за учебници и наставни материјали во основното и средното образование е веќе проследен до Собранието и содржината е целосно усогласена со стратешките документи и препораки донесени од страна на Европската комисија кои се однесуваат на образованието и дигитализацијата.

„По однос на обвинувањата за избрзани промени, би сакале да информираме дека планот за промените поврзани со наставата во основните училишта, односно изработката на новата Концепција за основно образование, изработката на нови наставни програми и нов Закон за учебници и други наставни и дидактички материјали е предвиден со програмата за работа на Владата на Република Северна Македонија и во претходниот мандат и во сегашниот, како и со Стратегијата за образование 2018-2025, а базиран е на резултатите од конкретнианализи за квалитетот на националниот образовен систем изработени од кредибилни меѓународни институции како ОЕЦД и УНИЦЕФ“, велат од МОН.

Мотив за промените се и долгогодишните слаби постигнувања на нашите ученици на меѓународните тестирања како писа и ТИМСС, но и барањата на наставниците, на многу генерации на ученици и нивните родители/старатели кои укажуваа на слабостите на националните образовен систем, вклучително и на недоследности, нелогичности и дискриминаторски содржини во учебниците, а на сето тоа се одговораше со парцијални реформи кои не го дадоа очекуваниот ефект, велат од МОН.

Министерката за образование и наука Мила Царовска во дебатна емисија на ТВ Клан вчера објасни дека промените во системот на образование не се избрзани, туку се темелат на Стратегијата за образование 2018-2025 донесена кога министерка беше Рената Десковска и на Законот за основно образование, донесен кога министер беше Арбер Адеми. Таа додава дека со години се правени анализи на образованието, домашни и меѓународни истражувања, каков систем на образование ни е потребен.

„Новиот концепт за основно образование има една главна цел – да обезбеди нов систем на учење и нов квалитет на основно образование, согласно светски стандарди. Ниту е цел укинување на наставни содржини, ниту укинување на учебници, ниту намалување на фонд на часови. Сите научни дисциплини се учат и со новата концепција“, нагласи Царовска.

Таа повтори дека реформата ќе се одвива етапно, а од септември влегува само во прво и четврто одделение. Државата нема време уште 10 години да дискутира дали во прво одделение да се воведе новиот концепт на образование.

„Државата во еден момент треба да одлучи да почне со реформата. Ако само анализираме, се губи можноста да пристапиме кон развиените земји со квалитетни образовни системи“, нагласи министерката.

Извор: МЕТА

Прочитајте повеќе

Одбележана 4-годишнината од членството на Северна Македонија во НАТО (Видео)

Во Министерството за одбрана, денеска со свечена церемонија на која се обратија првиот вицепремиер за …