Преку посебна работна група е изготвен нов предлог-закон за средно образование, во кој централно место, покрај бројните нови права и можности за учесниците во воспитно-образовниот процес во средните училишта, има и ангажирањето на образовните асистенти по истиот принцип како и кај основните училишта, информираше денеска Министерството за образование и наука (МОН).
Со новиот Закон за средно образование се предвидува образовните асистенти да бидат вклучени во наставниот процес како лица вработени во училиштата или ресурсните центри, а не како што досега беше пракса да бидат ангажирани преку проекти или на товар на родителите на учениците со атипичен развој.
Предлог-законот за средно образование наскоро ќе биде објавен на ЕНЕР системот и достапен за дополнителни сугестии од страна на заинтересираните граѓани, институции, граѓански организации и здруженија.
Министерството информираше дека е изготвен и предлог-законот за Средно стручно образование и истиот на владиниот ЕНЕР систем ќе биде достапен слeдната недела.
Од МОН велат дека за да се овозможи стручно образование кое ќе соодејствува на пазарот на трудот, со предложениот Закон се уредува концептот на дуално образование, а се прецизираат и одредбите кои се однесуваат на практичното образование, особено истакнато кај познат работодавач, со цел да се зголеми неговиот обем и квалитет.
„Преку решенијата предвидени во законот се врши рационализација на ресурсите на системот на стручно образование, а со цел надминување на проблемите кои произлегуваат од фрагментацијата и дезинтеграцијата на установите за стручно образование и обука, кои досега ги земаа во предвид тесно локалните потреби, а не регионалните. Земајќи ја во предвид централната координативна улога која ја има Центарот за стручно образование и обука, кој се трансформира во Центар за развој на стручно образование, соодветно се интервенира и во неговите надлежности, за да може најдобро да одговори на новите задачи кои му се доверуваат“, велат од МОН.