МОН: Во вторник истекува рокот за пријавување за 2.400 денари субвенциониран студентски оброк

На 31 август, вторник, истекува рокот за аплицирање за субвенциониран студентски оброк наменет за сите редовни студенти на државните и приватните универзитети во државата, информираат од Министерство за образование.

„Ги повикуваме тековните студенти, денеска и утре да го завршат пријавувањето, за да може првата уплата во износ од 2.400 денари, да ја добијат на почетокот на октомври годинава. Следниот рок за аплицирање за оваа субвенција е од 1 до 31 октомври 2021 година, за студентите од новата академска година и оние кои не го запишале летниот семестар.Начинот на аплицирање е дигитализиран, односно пријавувањето се спроведува електронски преку порталот www.e-uslugi.mon.gov.mk и многу едноставно, со прикачување на само два документи – пријава и изјава за точност на податоци и се наведуваат податоци за лична трансакциска сметка,“ се вели во соопштението.

Субвенционираниот студентски оброк е системско решение уредено со закон, со кое на младите значително им се олеснува животот за време на студирањето односно добиваат по 2.400 денари 9 месеци во годината, средства наменети за купување здрави оброци. Според проценките на МОН, очекуваме ова право да го искористат околу 40.000 студенти.

До сега за користење на субвенционираниот студентски оброк пријавени се 15.627 студенти.

„Младите мора да бидат задоволни од грижата на државата кон нив и од можностите кои им ги обезбедува за остварување на личните и професионални цели. Само на тој начин ќе бидат доволно мотивирани да останат во сопствената земјата и да го реализираат својот потенцијал, што ќе значи и придонес кон севкупниот општествено економски развој. Затоа министерството преку работната група МЛАДИ -МОН продолжува со директна вклученост на младите да креира политики и мерки кои се во интерес на студентите и учениците,“ се додава во соопштението.

Прочитајте повеќе

Одбележана 4-годишнината од членството на Северна Македонија во НАТО (Видео)

Во Министерството за одбрана, денеска со свечена церемонија на која се обратија првиот вицепремиер за …