Морате: уште повеќе и уште подобро!

Пишува: Зоран Милошески

Конечно, осум месеци после формирањето на техничката Влада според „пржинскиот“ модел, заврши сагата околу исходот на предвремените парламентарни избори. Го имаме парламентарното мнозинство, ги знаеме имињата на премиерот и министрите, останува Собранието и формално да и’ даде зелено светло на новата Влада.

Она што е за пофалба, е што бројот на министерства се намалува од 26 на 19. Очекувањата се дека ова ќе биде само вовед во најавеното кратење на гломазната, неефикасна и партизирана администрација, проблем за кој со децении се зборува, но од чие решавање сите бегаа како ѓавол од крст.

Во зависност од бојата на очилата со кои се гледа на владиниот состав, такви се и првичните оцени за новите министри. Се разбира, било каква оцена, позитивна или негативна, дадена во ситуација кога тие сеуште не ни стапнале во министерските кабинети, не може да се земе за сериозна. Уште помалку, пак, за релевантна. Единственото нешто за што може да се разговара во овие моменти, се очекувањата кои јавноста ги има од новите станари на „Илинденска“ бр.2, како и за тоа кому му падна „парето“ да ги вади жешките костени.

Секоја работа која се извршува со полн капацитет, чесно и одговорно и со максимална посветеност, е тешка работа. Така и министерската. Истовремено, имајќи ја во предвид народната „секоја планина, своја тежина“, неблагодарно е да се каже кое министерство е потешко за менаџирање. Особено сега, кога извесниот почеток на преговорите со ЕУ бара многу поголема одговорност не само од секое министерство, туку и од секоја државна институција и секој државен службеник.

Сепак, се чини дека вниманието на меѓународната заедница, а пред се’ на домашната јавност, ќе биде насочено кон Министерството за правда, чиј новоименуван прв човек, Бојан Маричиќ, е и најголемото кадровско изненадување во Владата на Заев.

Освен имплементирањето на измените на Законот за јавно обвинителство, кои во Собранието беа изгласани со двотретинско мнозинство, новиот министер ќе треба да го реализира и еден од врвните приоритети зацртани од страна на старо-новиот премиер: воспоставување на принципот на владеење на правото и враќање на довербата на граѓаните во судството.

Или кажано без нараквици, Маричиќ ќе треба да го испорача она за што граѓаните се бореа и го бараа преку „Шарената револуција“, а кое СДСМ им го вети пред 3 години: правда за сите, затвор за членовите на злосторничкото здружување!

Тоа е нешто кое Заев и најголемата владејачка партија им го должат на граѓаните. Токму ова нереализирано изборно ветување, на штотуку завршените предвремени парламентарни избори, коалицијата „Можеме“ можеше скапо да ја чини.

Иако за нецел мандат Владата на СДСМ донесе храбри одлуки и постигна резултати на кои може да биде горда и чие вистинско вреднување ќе доаѓа до израз со секој нов ден, се покажа дека тоа не е клучниот фактор заради кој гласачите одлучија да (не) го заокружат бројот 3. Истовремено, сите анкети покажаа дека додавката „Северна“ не беше главната пречка да не се поддржат кандидатите на коалицијата предводена од СДСМ, туку тоа беше споменатата неказнивост и несанкционирање на апашите од претходната власт.

На граѓаните не можете повеќе да им ја „продавате“ приказната за немешањето на извршната власт во функционирањето на правосудните органи. И преку „бомбите“, но уште повеќе на дело, видовме како во нашата држава се дели правдата. Судовите и обвинителствата одамна се претворени во партиски дувла на ДПМНЕ, во кои корумпирани и партиски инструирани судии и обвинители, си играат „писпиле копанче“ со граѓаните и со државата. Само со темелно прочистување на овие институции, со поднесување издржани и неселективни обвиненија против сите оние кои ја опљачкаа државата и не’ вратија 20 години назад, со транспарентни судски процеси и изрекување пресуди со ефективни затворски казни, може да се врати изгубената верба дека правдата ќе ги стигне криминалците.

Младоста, енергијата, храброста и стручноста се на страната на министерот Маричиќ. Поддршката од Заев, исто така. Време за губење нема. Оти, за една година се локалните избори, кога повторно треба да се чукне на вратата на граѓаните. А и тогаш, освен за постигнувањата во економијата, справувањето со пандемијата и решавањето на комуналните проблеми, на кандидатите на власта гласачите повторно ќе им го постават истото прашање:„А правда?“.

ПС: Во контекст на кажаното, само по себе се наметнува она што пред неколку години го кажа „Пецко“ на Дарко Марковиќ, а кое и денес е подеднакво актуелно како и тогаш. Парафразирана, репликата на „Пецко“ би изгледала вака:

„Видовме што направија, не видовме дека нешто им направивте. Ако и сега не ги осудите, на локалните ќе ви пресудиме“.

Прочитајте повеќе

Талевски: ДПМНЕ и Тошковски ја загрозуваат безбедноста на граѓаните

Прес-конференција на Миле Талевски, пратеник на СДСМ Почитувани граѓани, Два месеца откако ВМРО-ДПМНЕ го презеде …