комисија бугарија

Можен ли е договор за кусо време со Бугарија?

Бујар Османи вели дека има нов политички моментум, а Габриел Ескобар од Стејт департментот уверува дека може да се постигне договор за кусо време.

Можно ли е Северна Македонија за кусо време да постигне договор со Бугарија за одблокирање на евроинтеграциите? Ваквите надежи повторно се подгреваат во пресрет на најавената посета на бугарскиот премиер Кирил Петков во Скопје, која што се очекува да се реализира идната недела, по неговото излегување од изолација.

Шефот на македонската дипломатија, Бујар Османи, вели дека има нов политички моментум создаден од новите влади во Софија и Скопје и граѓаните очекуваат да се искористи шансата да се зајакне довербата меѓу двете држави. Средбата со бугарската делегација предводена од премиерот Кирил Петков веќе е договорена и ќе се реализира на 19 јануари, а се разговара и за заедничка владина седница на 25 јануари.

„Од успехот на овие посети ќе зависи и насоката и силината на новиот моментум во односите меѓу двете земји, и оттука сите активности кои го загрозуваат овој успех ги сметам за непродуктивни и нефер. Ги повикувам јавно сите колеги, сегашни и поранешни, да покажеме доблест и фер однос едни кон други, да го задржиме нивото и довербата кои долги години и меѓусебно ги градевме, и да им ја обезбедиме европската иднина на граѓаните која предолго само им ја ветуваме“, порача Османи.

Теми на кои ќе се разговара

Бугарскиот премиер преку видео-обраќање најави дека во наредните неколку месеци помеѓу Софија и Скопје ќе се води дијалог со кој може да се постигне многу повеќе отколку што е постигнато изминатите неколку години. Меѓу темите за кои треба да разговараат двете држави, Петков првпат лично ги споменува правата на Бугарите во Северна Македонија, покрај веќе посочените: заедничка инфрастуктура, заеднички календар на културни настани, историја, евроинтеграција…

Ескобар е оптимист

Заменик-помошникот на државниот секретар на САД за Западен Балкан, Габриел Ескобар, верува дека може да се постигне договор за кусо време. Тој во изјава за „Гласот на Америка“ вели дека веќе зборувал со Франција, која од 1 јануари го има претседателството со ЕУ, за пристапните преговори на Северна Македонија.

„Веќе зборувавме со Франција. Ставивме јасно до знаење дека веруваме оти членството во ЕУ за сите држави од Западниот Балкан е од суштинско значење за сите нас. Веруваме дека тие се дел од Европа, па како што ги исполнуваат условите со затворање на поглавјата треба да бидат сѐ повеќе интегрирани во ЕУ и мислиме дека тоа ќе биде решение за сите држави“, вели Ескобар.

Bosnien und Herzegowina | Gabriel Escobar in SarajevoГабриел Ескобар верува дека може да се постигне договор за кусо време

Според него, пристапниот процес на Северна Македонија во ЕУ треба да го реши Европа, а САД силно ја поддржуваат кандидатурата на Северна Македонија за ЕУ и веруваат дека земјата има завршено огромна работа. Рокот од шест месеци, што го најави бугарскиот премиер Кирил Петков, според него, е доволен да се решат проблемите, но постои фрустрација меѓу европските партнери бидејќи процесот не се одвива брзо.

Направивме сѐ, на ред е ЕУ

Дека Северна Македонија и Албанија исполнија сè, па сега на ред е ЕУ, порачаа и лидерот на СДСМ и мандатар, Димитар Ковачевски и албанскиот претседател Илир Мета, кој беше во посета на Скопје.

Nordmazedonien EU FlaggenverkaufВо пресрет на посетата на Петков беше објавена анкета во бугарските медиуми според која расте процентот на граѓани во Бугарија кои сметаат дека треба да се каже „да“ за почеток на преговорите меѓу С.Македонија и ЕУ

„Република Северна Македонија и Република Албанија, како соседни пријателски земји, делат исти вредности и имаат заедничка иднина. Таа заедничка иднина е во ЕУ и убеден сум дека наскоро и двете земји ќе ги започнат преговорите за членство во Унијата, затоа што и Северна Македонија и Албанија досега исполнија сè што од нив беше побарано, сега на ред е ЕУ“, вели Ковачевски, кој идната недела треба да му биде домаќин на бугарскиот премиер, веднаш по изборот на новата македонска влада.

Во пресрет на посетата на Петков беше објавена анкета во бугарските медиуми според која расте процентот на граѓани во Бугарија кои сметаат дека треба да се каже „да“ за почеток на преговорите меѓу С. Македонија и ЕУ и без претходен договор за отворените прашања. Ова е мислењето на 29,6 отсто од испитаниците, што е зголемување за околу 13 отсто во однос на ноември 2020 година, покажува истражувањето на јавното мислење спроведено од Алфа Рисрч презентирано за време на познатата неделна коментаторска емисија „Референдум” на БНТ.

Според анкетата, речиси 61 отсто од бугарските граѓани сметаат дека Република Северна Македонија треба да стане членка на Европската Унија.

Извор: DW

Прочитајте повеќе

Почнува кампањата за парламентарните избори

Почнува кампањата за парламентарните избори

Од денеска, четврток 18 април, официјално стартува и кампањата за изборите за пратеници. Во тек …