Речиси целата екипа на претставата „Носорози“, актерите, кореографот, режисерот и директорот на Албански театар веднаш по двочасовната претстава беа дел од разговорите на тркалезната маса што Фестивалот со задоволство ко поздрави како чин, особено што режисерот Васил Василев во Прилеп пристигна веднаш по престојот во Виена, Австрија.
Модераторот Милош Б. Андоновски, поздравувајќи го присуството на речиси целата екипа, нагласи дека текстот на Јонеско, „Носорози“ е драма на апсурдот, а екипата во претставата пристапи со нежност во поставката. Како поткрепа, Андоновски нагласи и неколку реплики.
– Токму нежноста со која има пристапено екипата во претставата ја прави „Носорози“ храбра. Почетокот и крајот, според моето доживување на претставата, се едни од попоетските парчиња што ги имам видено во изминатиов период на следење театарски претстави. Мислам дека е храбро да се остане нежен денеска, во еден суров свет. Токму тоа е што човекот го прави- човек. Кон тоа се и репликите од крајот на претставата кои ги издвоив.
„Осаменоста е почетокот на небото во него“, „Да се победи со љубовта – е нешто што е многу храбро и дека Да се биде човек, тоа е борба“. Ова, според мене, се главните лајт-мотиви на претставата, рече Андоновски.
Директорот на Албански театар, Хисмет Рамадани рече дека не случајно решиле за претставата да соработуваме со режисерот Васил Василев.
– Ја следевме неговата работа и мислам, направивме добра работа. И точно е, една од поважните теми во претставата е тоа дека е многу тежко да се биде човек во денешно време, рече Рамадани.
Режистерот Василев ја пофали организацијата на Фестивалот, а за соработката со Албански театар се послужи со познатата изрека на Гоце Делчев: „Јас го разбирам светот како поле за културен натпревар меѓу народите“.
-Сето што го имав за претставата, го кажав на сцената. Но, најбитно, тешко е во денешно време да останеш човек, да ги сакаш луѓето, да го сакаш ближниот. И не случајно, првиот прочит го почнавме со еден случај: Еден човек седи осамен зашто тој ги сака луѓето, а тоа е неговата борба. А денеска стана невозможна мисија да се занимаваш со театар. Ние се поистоветуваме со медиумите, со социјалните мрежи, со Тик-ток. Се соочуваме со општество кое има друг ритам, друго разбирање на светот, а ние треба да опстојуваме. Театарот има повеќеилјадно искуство за тоа како може да продолжи. Посебно сум восхитен од публиката која имаше свој ритам. Донекаде беа подготвени дури да гледаат комедија. Тука ѝ честитам на екипата актери која цело време беше посветена на играта, рече режисерот Васил Василев.
Вечерва, на шестиот ден на МТФ „Војдан Чернодрински“ на големата сцена на ЦК „Марко Цепенков“ со почеток во 19 часот ќе биде изведена претставата на Македонскиот народен театар „Страв и надеж“ во режија на Татјана Мандиќ Ригонат. Улогите ги толкуваат: Сашко Коцев, Сашка Димитровска, Александар Микиќ, Дарја Ризова, Наталија Теодосиева, Никола Ристановски, Тони Михајловски, Тања Кочовска, Дамјан Цветановски и Нела Павловска.
Во 21 часот на Сцената 105 во „Марко Цепенков“, ќе следува изведбата на „Драга Јелена Сергеевна“ во режија на Шенај Мандак, во продукција на Факултетот за драмски театар од Скопје. Улогите ги толкуваат: Сара Спиркоска, Стефанија Начевска, Озан Идрис, Ирена Димеска, Мартин Мазнев.
„Драга Јелена Сергеевна“ е безвременска приказна која зборува за генерацискиот судир, ги поставува прашањата за моралниот судир, како на индивидуално така и на колективно ниво, а од 17 часот ќе претходи научна трибина на тема „Современ ли е современиот македонски театар? Меѓу локалната инерција и глобалните сценски текови“.
ПУБЛИКУМ Вистината на прво место