Министерството за труд и социјална политика посветено работи на проширување на капацитетите на детските градинки во Република Северна Македонија и на подобрување на квалитетот на предучилишното образование. Во моментот се градат и опремуваат нови 8, а се подготвува изградбата на уште 35 објекти. Тоа се вкупно 43 нови објекти за градинки распоредени низ целата територија на државата.
Заложба на Министерството, е опфатот на деца во предучилишно образование да се зголеми за 50%. Во изминатите две години отворени беа 24 нови објекти, со што се обезбедени дополнителни 1.272 места. Годинава за таа намена издвоен е 300% поголем буџет од лани, а нови градинки ќе се градат и преку програмата на Светска Банка, која изнесува околу 15 милиони евра.
Паралелно со инвестициите во инфраструктурата, МТСП континуирано работи на зајакнување на кадарот во градинките и надградување на компетенциите на воспитувачите. Досега се обезбедени 1.400 согласности за вработувања во градинките. Почнувајќи од јунската плата, којашто на поголемиот дел од вработените веќе им е исплатена, стручниот кадар во градинките доби зголемување во просек од 16 %, што е околу 3.000 денари во нето износ по вработен.
Со проширувањето на капацитетите на градинките и јакнењето на професионалните компетенции на кадарот, се подобрува квалитетот на предучилишното образование. Раниот детски развој е клучен период за когнитивен и емоционален развој на децата, како и за стекнување вештини неопходни за тие да напредуваат во животот. Токму затоа, со секоја инвестиција во предучилишното образование, Министерството вложува во нашите најмлади, овозможува подобра иднина за нив и за целото општество.