МТСП Министерство за труд и социјална политика лого

МТСП: Надоместокот за попреченост од наредната година ќе се покачи за 15 проценти, креираме системски решенија за целосна инклузија на лицата со попреченост

Во врска со најавениот протест на Коалицијата „Менуваме“ информираме дека Министерството за труд и социјална политика интензивно работи на унапредување на инклузијата на лицата со попреченост во нашата држава. Потврда за тоа е и постојаното проширување на мрежата на дневни центри за децата со попреченост. Неодамна МТСП го отвори дневниот центар за лицата со попреченост во Липково, а во тек е и изградба на центри за деца со попреченост и во општините Делчево, Чашка, Боговиње и во Скопје.

МТСП веќе информираше дека минатата недела склучи и два нови договори за соработка со општините Карпош и Тетово, со поддршка на Светска Банка, за отворање на дневни центри за деца со попреченост. Овие два центри преку стручните тимови ќе обезбедуваат индивидуални и групни третмани, според претходна проценка на потребите на вкупно 62 деца со попреченост.

Целосната и доследната имплементација на Конвенцијата за правата на лицата со попреченост на ОН е политика на која Министерството за труд и социјална политика и министерката Јагода Шахпаска работат интензивно. Но, тоа е процес кој не може да се заврши за неколку месеци, туку се потребни системски и одржливи решенија, особено ако претходно немало никаков напредок на ова поле.

Министерката Шахпаска неодамна одржа средба со претставници на Коалицијата „Менуваме“ и информираше дека сите нивни барања во основа се дел од агендата на Министерството.

Во однос на барањето за зголемување на надоместокот заради попреченост, министерката Шахпаска укажа дека е предвидено покачување на износот за најмалку 15 проценти. Поради пандемијата со Ковид-19 неговата реализација беше пролонгирана за наредната година.

На средбата беа споделени и информациите дека за потребата на поголема инклузија и вработување на лицата со попреченост, во тек е проект за унапредување на пристапот на лицата со попреченост на отворениот пазар на трудот, за што се разгледуваат искуства од другите земји, а веќе е отворена и јавна расправа кај нас со сите засегнати страни.

Со измените на Законот за социјална заштита се зголеми достапноста на правото за користење на личната асистенција, односно се намали возрасната граница за лични асистенти од 18 на 6 години. За спроведување на оваа измена, само за оваа година, обезбедени се средства за 200 дополнителни асистенти, а доколку има потреба од повеќе асистенти нема пречки да се зголеми и оваа бројка.

Во делот на зголемување на инклузијата и независноста на лицата со попреченост, МТСП заедно со Националниот сојуз на слепи лица и УНДП неодамна го пуштија во употреба и аудио читачот- апликација за лица со оштетен вид, кој овозможува олеснет пристап до информации, независност во движењето и завршувањето на секојдневните обврски.

Министерството за труд и социјална политика останува отворено за унапредување на состојбата на лицата со попреченост преку взаемен дијалог и соработка со сите засегнати страни.

Прочитајте повеќе

Филипче

Филипче одговори што ќе му е политика (ВИДЕО)

Д-р Венко Филипче во кратко видео објавено на неговата Фејсбук страница вели дека секогаш ќе …