Музеј на заедништво и дијалог „Крали Марко“

Музеј на заедништво и дијалог „Крали Марко“

Пишува: Рубин Белчески
историчар – кустос советник
НУ Завод и Музеј – Прилеп

Овој труд е презентиран на Советувањето на МНК ИКОМ одржано во Куманово – градот на културата за 2019 година, по повод 18 МАЈ – Меѓународниот ден на музеите, на тема: Музеите како културни средишта – иднината на традицијата.

Музеј на заедништво и дијалог „Крали Марко“Денеска ви го презентирам Музејот на заедништво и дијалог, музејскиот центар на иднината на традицијата, посветен на балканскиот јунак, Кралот Марко. Можеме да го наречеме и прв балкански музеј ,,Крали Марко“, но тој ги пробива балканските простори, ,,навлегува“ во Европа, но и пошироко.

Веројатно се прашувате каде е овој музеј и дека немате слушнато за таков музеј? Точно е тоа, таков не постои, но истиот го измислив, бидејќи е тој музеј на иднината. Го замислувам да се изгради во Прилеп, во градот под Марковите Кули, во седиштето на Прилепското кралство, онаму каде што владеел Кралот Марко. Но, Марко, не владеел само во Прилеп, владеел со еден поширок простор, а траги оставил на целиот Балкан, но и пошироко.

Марко бил и ,,дипломат“, но и турски вазал, затоа, го нареков Музеј на заедништво и дијалог. Ако можел тој да преговара со дубровчаните, да соработува со Турците во 14 век, тогаш нема причина тоа ние да не го правиме во 21 век. Преку овој музеј, ќе воспоставиме дијалог на нашите култури, различни, но со заеднички нешта. Заеднички моменти од историјата, заеднички приказни, легенди и преданија за Марко, од кои заеднички или поединечно извлекуваме поука, заклучоци, се едуцираме. А заедничка ни е и европската иднина и негување на традицијата. Затоа, музејот го посветувам на најголемиот заштитник на христијаните и најопеан јунак во народното творештво на овие простори, кој со својата застапеност во голема степен се доближува до митските ликови на Зевс, Јупитер, Дионис, Посејдон, Херакле или слични на нив.

Музејот на легендарниот Крали Марко ,,ќе го изградам“ во рамките на некогашниот средновековен град Прилеп или Марков град, како што го нарекуваат, поточно во ,,границите“ на споменикот на културата и природата, ,,Марковите Кули“, под Кулите, кои биле изградени на возвишенијата што доминираат над пределот кај месноста Варош. Ќе го направам, под врвовите:  Музеј на заедништво и дијалог „Крали Марко“Чардак,  Тапанче,  Крупник и  Гребник, под тоа орловско седело, на  градските тераси, каде имало куќи, цркви, работилници, пазариште, гробови, цистерни и други објекти и постојки, но и движни наоди: керамички садови, монети, накит, оружје, орудија, алати и друго, откриени со археолошките истражувања, најпрво на Народниот музеј, а покасно и Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј – Прилеп, како и истражувањата на Институтот за старословенска култура – Прилеп.  Ете тука ,,ќе го градам“ музејот на Крали Марко.

Веројатно се прашувате што би содржел овој музејски центар на заедништво и дијалог. Тој би ги содржел ,,трагите“ кои ги оставил Марко во сите земји на Балканот и пошироко, но и традицијата која ја негуваат низ разни форми.

Во границите на локалитетот ,,Маркови Кули“ се наоѓаат поголем број на недвижно културно наследство поврзано со Марко, и тоа тврдината ,,Маркови Кули“, комплексот ,,Варош“, манастирските комплекси: ,,Св.Архангел Михаил“ и ,,Успение на Пресвета Богородица – Трескавец“, црквите: ,,Св.Никола“, ,,Св. Димитрија“ и други, кои содржински ќе го збогатат ,,нашиот музеј“ со информации за истите.

Но, музејот, нема да биде ,,прилепски“, не би бил ни ,,македонски“, него сите треба да го чувствуваат како свој, бидејќи Марко со својот Шарец ,,галопирајќи и скокајќи“ од планина на планина, оставал траги насекаде.

Музеј на заедништво и дијалог „Крали Марко“Ќе ги собереме тие ,,траги“ и во форма на дигитални збирки, ќе ги ,,ставиме“ во музејот на Марко, на ,,нашиот“ Марко, на ,,нивниот“ Марко, на ,,балканецот“ Марко, но и ,,европеецот“ Марко, бидејќи тој ,,траги“ оставил и во други европски земји, за што ќе стане збор подолу. ,,Трагите“ се од најразличен вид: движни, недвижни, пишани, од дамнешно време до денес. Марко е легенда која живее. За него има легенди, преданија, песни, раскази, драми, филмови. Ќе се потрудам да ги сместам сите во нашиот музеј. Забележителна улога ќе играат ,,трагите“ на Марко што ги оставил низ Македонија и балканските земји. Тие можат да бидат презентирани во дигитална форма, меѓу нив би биле: фреските на Волкашин и Марко во манастирот ,,Св.Архангел Михаил“ во Варош, Прилеп, потоа, фреските на Волкашин и Марко од ,,Марковиот манастир“, како и феудалната крепост ,,Марково Кале“ (с. Сушица, скопско), фреската на Волкашин од црквата Св. Никола (с. Псача, кривопаланечко), тука би биле презентирани и тврдината ,,Маркови Кули“ или ,,Марково Крувче“ (Водно, Скопје), Маркова Нога (Преспа), ,,Марково Кале“ (Струмица), како и разни објекти и географски поими, како: Марков Гроб, Марков Камен, Марков Рид, Маркова Река, Марков Ѕид, Марков Чардак и други низ Македонија, Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Бугарија и пошироко.

На балканските простори има уште стотици топоними на места, населби, градби, манастири, пештери, ѕидови, чардаци, нозе, стапала, копита, столови, стапови, седла, чешми, кладенци и други кои го носат префиксот марков, маркова, марково. Можеби е потребно да објавиме повик или да направиме истражување низ сите балкански земји за да ги евидентираме многубројните ,,траги“ на Марко.

Музеј на заедништво и дијалог „Крали Марко“Марко „предизвикал“ многумина научници, истражувачи, историчари, поети, писатели и други, да пишуваат за неговиот лик.  Меѓу  нив  е  Крсте  Петков Мисирков, кој дипломирал на Петроградскиот универзитет во 1902 година, на тема: ,,Кон прашањето за народноста и причината за популарноста на македонскиот крал Марко“.

Во музејот ќе ги ,,сместиме“ и делата пишувани за Марко од: Вук Караџиќ, Иво Андриќ, Радое Домановиќ, Петар Прерадовиќ, Ѓуро Димовиќ, Никола Јонков Вапцаров, Блаже Конески, Славко Јаневски, Србо Ивановски, Бошко Смаќоски, Теодосиј Анастасов, Владимир Левчев и уште многу други од балканските простори.

Но, за Марко пишувале и Италијанецот Франческо Дал Онгаро во 1863, Американците,  Кларенс Менинг  во  соработка  со Олива Муриел  Фулер  во  1932,  потоа,  Хенри Берлејн, Дејвид Хејлибартон и други. Во дигитална форма ќе ги сместиме делата на предходниве, но и на други автори.

Овој музеј, покрај другото можеме да го наречеме и дигитален музеј. Тука, ќе бидат презентирани ликовните и скулпторските дела, со мотив на Крали Марко, од: Димитар Кондовски, Круме Кепески, Драган Митровски, Боро Крстески, Војдан Запров, потоа, Иван Мештровиќ,  Вилхелмина Караџиќ, Паја Јовановиќ, Владислав Тителбах, Фердо Кикерец, Румјана Русинова, Иван Милев  и други.

Но, тука ќе го прикажиме и Марко од Аугсбурк, чиј лик од 1560 година се нашол на порта-експонат во резба од дабово дрво во Национален музеј во Нирнберг, Германија.

Тука би била и банкнота од 50 динари во Кралска Југославија од 1931 година, со скулптурата на Иван Мештровиќ.

Марко ќе го збогати ,,нашиот“ музеј и преку поштенски марки. Него како мотив го има на поштенски марки од Бугарија (1961, 1979), СФРЈ (1962), потоа од Р.Македонија (1995), од Хрватска, поточно, Сремско-барањска област под управа на Обединетите нации, за време на војната во тогашна Југославија (1997), од Република Српска, односно, Босна и Херцеговина во 2017 година.

Преку аудио презентација ќе дознаеме повеќе за оние за кои често слушаме во приказните, легендите и преданијата за Марко, а малку знаеме, за Црна Арапина,  Дете Дукадинче, Дете Голомеше, Секула Детенце, за јунаците Муса Кесеџија, Ѓуро Темишвар, Јанкула Војвода, Гино Дебарлија и други. Овие фантастични ликови ќе ја разбудат фантазијата на посетителите, особено оние помладите, па во работилниците кои ќе се организираат во музејот, ќе учиме и ќе создаваме, а ќе ја видиме и нивната креативност искажана преку перото или четката, глината или пластелинот, преку танцот или детската игра, преку маската и костимите, негувајќи ја традицијата за Марко, од памтивек до денес.

Тоа некои ќе ги стимулира за ново творештво, за возобновување на старите занаети, за изработка на најразлични уникатни предмети, сувенири и слично, а во функција на развој на една блиска стопанска гранка на музејската, туризмот, која пак ќе биде во функција на промоција на локалитетот Маркови Кули, преку ликот на Крали Марко. Тука, свој интерес можат да најдат голем број домашни и странски правни и физички лица, односно, инвеститори преку развивање на јавното-приватно партнерство. Тоа ќе овозможи економски развој во делот на масовниот туризам, угостителството и хотелиерството, односно, изградба на објекти во функција на горенаведеното.

А зошто не, во ова културно средиште да се играат и театарски и куклени претстави, да се прикажуваат народни приказни, филмови, да се одржуваат манифестации, концерти и слично со тема ,,Карли Марко“.

Така, во овој простор непречено ќе можеме да ги организираме разните симпозиуми, фестивали, ликовни колонии, трки и игри поврзани со Крали Марко, на кои ќе учествуваат како домашни, така и странски гости, а во неговата непосредна околина ќе ги унапредиме актуелните настани, како ,,Денови на Крали Марко“, ,,Поетско Маркукуле“, ,,Крали Марко треилс“ – ултрапланински маратон, ,,Крали Марко – болдер фестивал“, ,,Крали Марко – аматерски натпревар во мешани боречки вештини“ и други.

А музејот… Е, музејот тогаш станува ,,центар на светот“, заеднички културен центар, наш дом, место каде што ќе дознаваме нови нешта за Марко, ќе водиме дијалози, разговори, место каде ќе разменуваме мислења, за минатото, за традицијата и нејзиното сфаќање на новите генерации во новиот глобален свет. Во истиот, може да се разговара за разни социјални прашања и судири, како и идеи за решавање на истите. Така музејот, како средиште на општеството, ќе воспостави дијалог помеѓу различните култури, градејќи мостови за дефинирање на светлата иднина. Креативното ќе го поврземе со знаењето. Посетителите можат да бидат креатори на музејската политика во поглед на активности, реализација на проекти и идеи. Преку ликот и улогата на Крали Марко, ќе ја зајакнеме и улогата на музејот кој ќе стане интерактивен и фокусиран на општествената заедница, на нејзината традиција, денес и во иднина. Всушност тоа се  европски вредности преку кои ќе стинеме до Европа.

Се надевам дека еден ден, овај НАШ музеј ќе биде изграден, а во меѓувреме ние ќе станеме дел од Европа и ќе ги споделуваме европските вредности. Но, дотогаш да ги собираме и евидентираме разните ,,музејски предмети“ за МУЗЕЈОТ НА ЗАЕДНИШТВО И ДИЈАЛОГ ,,КРАЛИ МАРКО“.

Прочитајте повеќе

„Нема откажување од иднината“ - СДСМ и Коалицијата за европска иднина го означија стартот на кампањата за парламентарните избори (Видео)

„Нема откажување од иднината“ – СДСМ и Коалицијата за европска иднина го означија стартот на кампањата за парламентарните избори (Видео)

Со настан во Музејот на современа уметност, Социјалдемократскиот сојуз на Македонија и Kоалицијата за европска …