полиција полицајци возачи сообраќајна

МВР ги дефинира условите: Што е потребно за управување мотоцикл до 125cm3 со „Б“ категорија?

Министерството за внатрешни работи ги финализираше неопходните формално-правни и технички предуслови и официјално ги дефинираше правилата за имплементација на законските измени за управување мотоцикл до 125cm³.

Според МВР, граѓаните сега точно знаат кои чекори треба да ги преземат за да возат мотоцикл од категоријата „А1“ (со автоматски менувач, до 11 kW) доколку веќе поседуваат возачка дозвола од „Б“ категорија.

Строго дефинирани критериуми и потребна документација

Министерството извести дека за да се добие правото за управување, секој кандидат мора да ги исполни следните услови:

  • Да има минимум 23 години возраст.
  • Да поседува важечка возачка дозвола од категорија „Б“ најмалку пет години.
  • Задолжително да достави лекарско уверение.
  • Да приложи потврда дека нема активна забрана за управување со моторно возило од „Б“ категорија.

Задолжителна обука и систем на санкции

МВР дефинира дека задолжителната обука и издавањето на потврдите ќе го вршат автошколите кои имаат лиценци за „А1“ категорија. Самата обука ќе трае четири часа и опфаќа клучни теми за безбедноста во сообраќајот, како што се заштитната опрема, контролата и стабилноста на мотоциклот, превозот на сопатник и справувањето со ризици на патот.

Од МВР строго напоменуваат дека не смее да се управува мотоцикл до 125см3 доколку не се помине теоретската обука и не се обезбеди потврда од автошкола.

Дополнително, правилата предвидуваат дека доколку лицето кое се стекнало со потврда во иднина добие забрана за управување со возило од „Б“ категорија, тоа автоматски ќе повлече и забрана за управување со мотоциклот.

Следете ги најновите вести во рубриката „Македонија“ на Публикум.