Седум лица побарале лекарска помош, повредени се 10 полициски службеници, а приведени се 26 лица, соопштуваат денеска од МВР за ескалацијата на вчерашните протести пред Собранието, против Договорот постигнат помеѓу Македонија и Грција.

Од МВР велат дека дел од демонстрантите, од кои голем број биле маскирани, насилно ја турнале заштитната ограда и почнале да фрлаат камења и пиротехнички средства и други предмети кон зградата на Собранието и полицискиот кордон, воедно обидувајќи се насилно да влезат во Собранието.

Со цел спречување на понатамошно нарушување на јавниот ред и мир и насилен упад во Собранието, а постапувајќи согласно процедурите, од Министерството потенцираат дека полицијата спровела соодветни мерки и активности.

Според полицијата, околу 21.30 часот околу 50 демонстранти, движејќи се во група се упатиле кон Плоштад Македонија и насилно упаднале во два угостителски објекти, каде искршиле дел од инвентарот и предизвикале паника и страв кај присутните гости, а во еден објект демонстрантите врз гостите фрлиле солзавец. Во близина на хотелот „Холидеј ин“ запалено било комбе „Фиат“, а огнот бил изгаснат од страна на Бригадата за противпожарна заштита.

„Во врска со новинарот на порталот Инфомакс, ја информираме јавноста дека тој одбивал да се легитимира, а притоа дал активен отпор. Постапувајќи согласно процедурите, лицето е однесено во полициска станица и по утврдувањето на неговиот идентитет, истото веднаш е пуштено. Министерството за внатрешни работи уште еднаш апелира новинарите и снимателите кои ги извршуваат своите работни задачи во текот на известувањето да го почитуваат етичкиот кодекс на однесување и со своите постапки да не ги попречуваат службените лица во извршувањето на своите задачи, при заштитата на јавнот ред и мир“, велат од МВР.

Извор: МЕТА