На Битола ѝ требаат “три во едно“ избори

На Битола ѝ требаат “три во едно“ избори

Пишува: Габриела Илиевска

Во време кога актуелната власт се двоуми дали да оди на предвремени парламентарни избори, ќе кажам збор два на таа тема.

После толку добри резултати на локалните избори, веројатно беше оправдано чувството на еуфорија кое сѐ уште преовладува кај владејачката коалиција. Актуелните локални функционери одат чекор подалеку и велат „имало избори или не, ќе владееме уште 10 години“. Ваквите јавни изјави кажани по битолските улици, се основа на она што се нарекува “локална политика“. И сега, имајќи ги во предвид случувањата на локално ниво, кои според мене се најважното мерило, власта има две опции кога се во прашање изборите.

Првата опција е да распише предвремени парламентарни избори, а градоначалничката Наташа Петровска да биде носител на кандидатската листа. Зошто да не? Ако партијата на власт сака да си ги зачува гласовите од локалните избори, нели е логично оној кој што истите ги освоил да биде предводник на листата? Особено што, барем според она што го слушаме од Петровска, таа е најзаслужна за убедливата победа.

Освен тоа, имајќи ги во предвид нејзините медиумски настапи, се наметнува заклучокот дека животот во Битола тече како “под конец“. Оти кога градоначалник со буџет од 29.3 милиони евра, во емисија зборува за боливач, грав и боровинки, тоа би требало да значи дека главните работи се завршени, а најзначајните проблеми на граѓаните решени. Кога е веќе толку добро и кога во Битола сѐ цути, уште утре распишете ги изборите, бидејќи нема од што да се плашите. Ако работите навистина стојат онака како што градоначалничката ги прикажува, тогаш “хејтерите”, како што локалните функционери од власта ги нарекуваат своите сограѓани кои имаат различно мислење од нивното, ќе бидат во незначителен број. За победа ќе биде доволно таа да тропне на вратите од домовите на истите луѓе на кои пред 15 месеци им ветуваше “живот“, и изборите ќе бидат добиени.

Втората опција е “три во едно“ – заедно со претседателските и парламентарните, да се распишат и вонредни избори за градоначалник на Битола, што нема да претставува посебен организациски проблем, бидејќи исти такви ќе бидат организирани во Охрид, Дебар и Ново Село. На тој начин, на власта ќе ѝ се укаже можност да ги убеди гласачите дека згрешила и дека за грешката се кае. Ќе се извини и градоначалничката, а битолчани како разбрани луѓе, ќе разберат дека е човечки да се греши. Ќе простат и со интерес ќе ја следат изборната понуда на новите кандидати кои, заради претходните искуства, треба да се воздржат од давање ветувања кои немаат намера да ги исполнат. Како, на пример, оние претходните за чист воздух и транспарентност во работата на двата органа на општината – Советот и градоначалникот.

Нивното работење во изминатата година беше далеку од очите на јавноста, доведено до степен на функционирање на “илегални“ организации. Никој ни да чуе, ни да види. Олку “таен” Совет Битола досега немала. Не само што од ветувањето за директен пренос на седниците не остана ништо, туку водени од паролата “што помалку, тоа подобро за нас“, оние кои во кампањата се колнеа во транспарентност, од петни жили се трудеа надвор од салата за седници да не излезе ништо. Едноумие и медиумски мрак, како од “најдобрите“ времиња на Грујо и Двојче.

Трета опција – нема. Нема ни да има, сѐ дури во фотелјите седат “штетници” и лажни авторитети, кои себеси се доживуваат како министри и премиери, кои на најбезобразен начин им се закануваат на неистомислениците за секоја критика која не им е по ќеиф. Сѐ додека е така, додека локалните функционерчиња го рушат угледот и рејтингот на владејачката гарнитура, власта треба да има голема резерва кога е во прашање враќањето на довербата и добивањето на гласовите на битолчани.

Јас да си кажам, а вие како сакате…

Прочитајте повеќе

ОБСЕ: Донесувањето на изборниот закон на РС е противуставно

ОБСЕ: Донесувањето на изборниот закон на РС е противуставно

Воспоставувањето на паралелни структури кои ја поткопуваат севкупната безбедност и стабилност на земјата се против …