Службата за итна помош во Македонија нема доволно тимови и е неефикасна. А (не)културата на граѓаните, исто така влијае за нивната бавна реакција. За околу 2 милиони жители во функција се само 156 амбулантни возила, пренесува „Порталб.мк“.

Согласно Уредбата за итна медицинска помош, во Македонија, за 1 милион и 991 илјада жители, како што е наведено во уредбата, има 285 тимови, а би требало да има 303 тимови.

Здравствениот дом Скопје и домот во Тетово ја прекршуваат Уредбата, затоа што Скопје мора да има 64 тимови за Итна помош, а има само 45. Од друга страна, Тетово мора да има 21 тимови на итна помош, а има само 13.

Амбулантните возила се амортизирани и застарени

Покрај недоволниот број екипи, на неефикасноста на Службата за итна медицинска помош влијае и актуелната состојба на амбулантните возила. Повеќето од возилата на Итна помош се амортизирани и застарени. Имало случаи во кои поради тоа се загубени човечки животи.

За да се надмине ова, Министерството за здравство вети замена на амбулантните возила врз основа на километражата, со што не се согласуваат автомеханичарите, бидејќи тие бараат замената на возила да биде врз основа на километражата за градовите надвор од Скопје, додека во Скопје, замената да се изврши врз основа на употребливоста, односно состојбата во која што е возилото.

За амортизацијата и староста на возилата на Итна помош алармираше и министерот за здравство, Венко Филипче, кој на 17 ноември минатата година кажа дека ќе бидат купени 12 амбулантни возила, за, како што рече, „да се подобри хаотичната состојба на оваа служба”.


Нови возила ќе бидат нарачани најдоцна до 4 април

Договор за набавка на 12 нови возила за Итна помош е потпишан договор на 7 декември минатата година, откако беше избрана најниската понуда во износ од 21.591.564 денари (351.000 евра). Едно амбулантно возило ќе чини 1.799.297 денари (29.250 евра), за половина поевтино од последните 70 возила кои беа набавени во 2012 година. Едно од возилата во 2012 година чинело 3.921.429 денари (63.760 евра).

Во практика, возилата и по два месеци од склучувањето на договорот, не се нарачани од компанијата што победи на тендерот на Министерството за здравство – „Аутомотив груп“. Рокот за испорака на возилата е 120 дена од денот на потпишувањето, односно истекува на 4 април годинава.

-Ние потпишавме тендер со Министерството за здравство, а тендерот предвидува датуми до кога ќе можеме да нарачаме возила. Возилата сè уште не сме ги нарачале – вели Симона Николовска, одговорна за маркетинг-секторот во “Автомoтив груп”.

Нема критериуми како ќе се распределуваат новите возила

Шест од 12-те нови амбулантни возила се планирани за Скопје, но никој не знае кој ќе ги добие другите, бидејќи не постојат јасни критериуми за распределба. Министерот Филипче рече дека нема конкретни критериуми за начинот на распределба на возилата, но директорите на Здравствените домови ќе бидат прашани за нивните потреби .

-Тоа ќе се прави врз основа на моменталната состојба на возилата кои сега ги има на располагање Итната помош. Да бидеме реални, постојат здравствени домови кои велат дека не ни требаат возила – изјави Филипче за „Порталб.мк“.

Нови возила треба да добијат здравствените домови кои имаат амортизирани и застарени амбулантни возила, но и таму каде што бројот на тимови и амбулантни возила не е соодветен на бројот на населението, како што случајот е со здравствените домови Кичево, Пробиштип, Тетово, Куманово, Гостивар , Велес и Дебар. Сите тие имаат поднесено барања за амбулантни возила, освен Тетово, од каде побарале само дополнителни тимови.

Во име на болницата, поднесовме барање за возило и го доставивме до Министерството за здравство. Имам податоци дека за Дебар е определено  едно возило – вели директорот на Општата болница со проширена активност во Дебар, Баки Алили.

Ние побаравме да ни се одобри и кредит, за да купиме ново возило, но не знам што ќе се случи. Ми ветија дека ќе ми дадат едно возило, и тоа би било доволно за да служиме во Кичево. Покрај Кичево, ние ја покриваме и територијата на Македонски Брод и Пласница – вели директорот на Здравствениот дом Кичево, Џабир Бајрами.

Сега е поднесено барања за две нови возила – рече директорот на Здравствен дом Кочани, Александар Серафимов.

Од Министерството ни ветија дека ќе ни дадат едно од новите возила од тендерот, но и ни ветија дека во 2019 година ќе ни дадат уште едно возило, бидејќи сега на располагање имаме две возила – рече директорот на Здравствен дом Куманово, Адриан Афузи.

Поднесовме барања, барања, барања… но досега немам информации дека ние ќе добиеме нешто. Повеќе, барав теренски возила, а дали ќе ги добијам, не знам – рече директорот на Здравствен дом Пробиштип, Гоце Неделковски.

За да створиме оптимални услови ни требаат две возила, но и едно ако добиеме, тогаш ќе биде многу добро -изјави директорот на Здравствениот дом Гостивар, Сунај Мазлами.

За возила не сме поднеле барање. Треба да видиме дали со новите тимови ќе има потреба за нови возила. Досега, со тимовите што ги имавме на располагање, овие беа доволни. Но со новите тимови ќе видиме дали ни требаат нови возила”, рече директорот на Здравствениот центар Тетово, Борислав Јоргаќиевски.

 Шест милиони денари се потрошени за одржување на 40 амбулантни возила

„Порталб“ поднел барање за пристап до информации од јавен карактер во 16 здравствени домови, за тоа колкав дел од буџетот оди за Итна помош и колку пари се потрошени за одржување на амбулантните возила, но одговор стасал само од осум.

Според податоците, околу 6 милиони денари се потрошени за одржување на 40 амбулантни возила во осум здравствени домови.

Министерството сè уште без резултати од физибилити анализата, не кажува кој ја спроведува

На 14 ноември беше затворен повикот за пријавување за изработка на Физибилити анализа за јавно-приватно партнерство. Целта на анализата е да се најдат начини на функционирање на службата за Итна помош во Македонија. Идејата за јавно-приватно партнерство предизвика бројни реакции во јавноста, односно спротивставување на можноста за приватизација на итната помош.

По повеќе од два месеци, сè уште немаме официјални информации за тоа кој ја изработува анализата, колку долго ќе трае, и дали е завршена, кои се наодите? „Порталб“ неколку пати инсистирал да ги добие тие податоци, но министерот Филипче изјави само дека анализата се спроведува.

– Сè уште не е завршена. Добитник е една од пријавените компании, со постапка на електронско наддавање, имаат рок од 60 дена, којшто сè уште не е поминат – рече министерот Филипче.

„Порталб“: Зошто тендерот не е објавен во „Е-набавки”?

Филипче: Мислам дека требаше да биде во „Е-резерви”. Но, ќе го потврдам тоа.

„Порталб“: Не е објавен, ние побаравме. Која е компанијата што го доби тендерот?

Филипче: Не знам, за да ви кажам. Ќе ве известиме дополнително.

Иако министерот јавно најави дека ќе каже која е компанијата што го добила тендерот за спроведување на физибилити студија, тоа уште не е направено, иако прашањата се веќе две недели доставени во Министерство и се чека нивна обработка во Комисијата за јавни набавки на Министерството.

Автор: Фатбарда Цури

Извор: МЕТА