Министерството за здравство информира дека во моментов на Клиниката за урологија во тек се двете трансплантации на бубрег од починат дарител.
„Двајца пациенти на возраст од 30 и 23 години кои подолго време се на дијализа ќе добијат бубрег од 44 годишната пациентка која вчера беше дијагностицирана со мозочна смрт. Рано утрово заврши трансплантацијата на срце кај пациент кој подолго време боледува од срцева слабост. Пациентот е во стабилна состојба и закрепнува по операцијата.Во исчекување сме на следната трансплантација на коски, по експлантацијата која во раните утрински часови ја заврши тимот за трансплантација од Клиниката за ортопедија,“ се вели во соопштението.
Во него се додава дека трансплантацијата на органи е тимска работа и во неа учествуваат преку десет клиники и околу стотина лекари, медицински сестри и болничари во координација со Министерството за здравство и Националниот координатор за трансплантација Маја Мојсова Мијовска. Во период од само 24 часа од поставување на дијагнозата за мозочна смрт, тимовите направиле експлантација и трансплантација на повеќе органи.
„Најголема благодарност за семејството за 44 годишната жена која ноќва спаси најмалку три животи. Благодарност до нејзиниот сопруг, нејзините деца и најблисото семејство. Тие покажаа што значи хуманост во најтешки моменти,“ се додава во соопштението.
Во изминатата една година во земјава се направени пет трансплантации од починат донор и притоа се трансплантирани четири срца и 10 бубрези. Направена е и прва експлантација и трансплантација на коски и коскени ткива.