На конкурсот „Современи бајки од Македонија“ пријавени 442 бајки

На конкурсот „Современи бајки од Македонија“ пријавени 442 бајки

На конкурсот „Современи бајки од Македонија“, кој започна на 1 јули и траеше до 17 август годинава, пријавени се 442 бајки од 316 автори од земјава. Нив ќе ги оценува стручно жири, кое ќе избере четири бајки што ќе бидат илустрирани и издадени како посебни сликовници до крајот на годината. Поединечната награда за откуп на авторските права на една бајка ќе изнесува 25.000 денари.

Новиот конкурс е дел од проектот „Современи бајки од Македонија“, а го реализираат Движењето за поддршка на креативноста Иво Лауренчиќ – „Браво Сине!“ и издавачката куќа „Арс Ламина“.

„Големиот број пристигнати бајки е исклучително охрабрувачки за нас, бидејќи тоа е јасна потврда за огромниот креативен потенцијал и потребата од создавање на можности тој да добие форма. Токму тоа е и нашата цел, да создадеме простор за креативните автори во земјава кои создаваат трајни вредности. Нашата основна идеја беше, традиционалното творештво да го доближиме до младите генерации, на нов и модерен начин. Со голема посветеност и ентузијазам работевме на модернизирање и илустрација на бајки од македонското народно творештво“ истакна Ангелка Пеева-Лауренчиќ член на Управниот одбор на Движењето за поддршка на креативноста Иво Лауренчиќ – „Браво Сине!“.

Како што вели Пеева Лауренчиќ, големиот интерес за бајките ги инспирирал да создадат можност за нови современи бајки, кои во иднина ќе станат дел од македонската литературна историја.

„Современи бајки од Македонија“ следи по големиот успех на претходните изданија „Бајки од Македонија“ и „Басни од Македонија“. Покрај осум сликовници (4 бајки и 4 басни) и две луксузни збирки бајки, и тоа на повеќе јазици (македонски, англиски, албански, француски и германски јазик, како и на Браево писмо), во рамките на оваа соработка е издадена и бајката за деца „Мистериозното јајце“ на авторот Оливер Коларевски.

„Успехот на претходните проекти од нашата заедничка соработка беше мотив да продолжиме со нова иницијатива како што е проектот „Современи бајки од Македонија“. Преку нашите заеднички проекти даваме простор на нови и млади автори да го покажат својот креативен потенцијал во делот на создавање на литературни дела, но и во сегментот на илустрација со што придонесуваме за развој на автентична илустрација и со интересни содржини ги поттикнуваме читачките навики кај најмладите ‒ истакна Бранка Бугариска, директор на издаваштво во „Арс Ламина“.

Движењето за поддршка на креативноста Иво Лауренчиќ – „Браво сине!“, чија цел е поттикнување и поддршка на талентот и креативноста кај младите во функција на создавање силни национални брендови, го носи името на еден од основоположниците на современата македонска креативна и маркетинг индустрија – Иво Лауренчиќ.

Извор:МЕТА

Прочитајте повеќе

Промоција на винил компилација „Поп култура“, во чест на Мирко Попов

Промоција на винил компилација „Поп култура“, во чест на Мирко Попов

Компилациската плоча содржи песни од млади современи македонски поп артисти и беше еден од последните …