Традиционално, по повод Новогодишните и Божикните празници, Општина Прилеп обезбеди пакетчиња за првооделенците од основните училишта и за децата од детските градинки.

Заради пандемијата на Ковид-19, годинешото доделување на новогодишните пакетчиња беше од симболичен карактер, при што со целосно запазување на протоколите и мерките за заштита од коронавирус, градоначалникот Илија Јованоски ги посети ООУ „Рампо Левката“ и истоимената градинка.

Новогодишни пакетчиња добија и штитениците на Дневниот центар за лица со церебрална парализа, како и децата од Здруженијата на глуви и наглуви и слепи лица.

Честитајќи им ја Новата 2021 година, градоначалникот Јованоски им посака многу здравје, со надеж дека следната година ќе биде посреќна и побезгрижна за сите нив.

„На најмладите жители на нашата општина им ја честитам Новата 2021 година, со желби за, пред се’, добро здравје. Сигурен сум дека следната есен во сите градинки ќе одекнуваат детскиот џагор и смеа, дека детските градинки ќе работат со полн капацитет, вклучително и новата која до крајот на следната година ќе ја ставиме во функција. На сите ученици им посакувам успех во учењето, да бидат добри ученици, со надеж дека идната учебна година, заедно со нивните другарчиња и со учениците од сите одделенија, повторно ќе се вратат во училишните клупи“, изјави градоначалникот Јованоски.

Градоначалникот Јованоски го посети и Домот за стари лица „Киро Крстески-Платник“. Честитајќи им ги на штитениците на Домот Новогодишните и Божикните празници, градоначалникот им подели 100 пакети со прехранбени производи, донација на прилепчанката со привремен престој во Австралија, Билјана Миленкоска Јурукоски.

Станува збор за донација од околу 7.000 австралиски долари, која содржеше и пакети во вредност од 2.000 денари за 130 прилепски семејства од ранливите категории, како и 20 пакети со македонски производи за Дневниот центар за лица со церебрална парализа.