Општина Прилеп заедно со ЈКП „Водовод и канализација“ и ЈКП „Комуналец“ реализираа акција за чистење на диви депонии, по повод Светскиот ден на чистењето. Со општинската и механизација од сите јавни претпријатија, се чистеше дивата депонија што е лоцирана од касарната „Мирче Ацев“ кон населбата Тризла. Со камиони, багери и друга механизација беа отстранети огромни количества градежен шут, смет и друг отпад што е истуран веднаш до куќите во овој дел од градот, кој што освен што ја нагрдува сликата на населбата, претставува извор на инфекции.
Со цел да се подобри квалитетот на животот во сите населби во градот, да се издигне комуналната хигиена на повисоко ниво, и да се спречат превентивно последиците врз здравјето, градоначалникот Илија Јованоски упати апел до сите граѓани за поголема грижа за животната средина.
„Апелирам до сите граѓани да ги исчистат своите домови, дворови, до компаниите да ги исчистат работните места каде што работат вработените, посебно да се исчисти во и околу градот, бидејќи животната средина – живот значи“, порача градоначалникот Јованоски.
Директорот на ЈКП „Комуналец“, Звонко Јованоски истакна дека иако денеска акцент е ставен на чистење, отстранување на дивата депонија во населбата „Трила“, екипите на ова јавно претпријатие се мобилни секој ден на терен. Се чистат диви депонии на сите страни од градот, секаде каде што граѓаните несовесно ги создаваат, неводејќи грижа за последиците што ги предизвикуваат.
„Сите граѓани градежниот шут, да го носат во депонијата кај Алинци, локација за таа намена, наместо да ја нагрдуваат комуналната слика на градот“, порачува директорот Јованоски.
Директорот на ЈКП „Водовод и канализација“, Емил Јанески акцентира дека во соработка со Општина Прилеп и ЈКП „Комуналец“, секогаш се интервенира со механизација и други ресурси со цел да се постигнат што поголеми ефекти секојдневно, а не само при реализација на акции како оваа денеска.
„Како што се вложуваат напори да се обезбедат со квалитетна и чиста вода за пиење сите делови од градот, така наша обврска е како јавни претпријатија да делуваме синхронизирано со цел да ја подобриме комуналната слика на Прилеп“, вели директорот Јанески.
На Светскиот ден на чистењето, ученици – доброволци од прилепските училишта ги чистеа и училишните дворови.
А, денеска и волонтери-љубители на животната средина, самоиницијативно најавија чистење на Могилата на непобедените.