Пишува Зоран Милошески

На вкупно 109 здруженија на граѓани и фондации од областа на спортот, културата, социјалната заштита и заштита на децата, образованието и здравствената заштита, Комисијата за финансирање и буџет при Советот на Општина Прилеп од општинскиот буџет им распредели 7.5 милиони денари.

На распишаниот јавен повик за прибирање на барања за распределба на средства од буџетот на Општина Прилеп за 2018 година, наменети за финансирање на програмски активности на здруженија на граѓани и фондации во областите од надлежност на Општината, беа поднесени 139 апликации. Како што објаснува претседателот на Комисијата за финансирање и буџет при Советот на Општина Прилеп, Александар Китаноски, право да аплицираат на јавниот повик имаа невладини организации и други граѓански здруженија со седиште во Прилеп, а висината на распределените средства е идентична како минатогодишната.

„Средствата се доделуваат еднократно, според точно утврдени критериуми, како што се значењето на доставените програми, активности или проекти за општината, регионот или државата, можноста за афирмација на општината, претходни успеси и добиени награди, временскиот период за реализација на активностите и висината на обезбедени средства од донатори или други услуги. Исто така, во предвид беа земени и успешноста на реализирани претходни проекти и поднесените извештаи за претходно добиени средства и начинот на кој тие се потрошени. Повикот се однесуваше исклучиво за здруженија на граѓани и фондации кои се регистрирани и се со седиште во Општина Прилеп“, вели Китаноски.

Финансиските побарувања на поднесените 139 апликации изнесувале дури 43 милиони денари, а “виза“ не добиле само оние кои не ги исполнувале основните услови за учество на јавниот повик. Најмногу се офајдиле спортските клубови кои се натпреваруваат во повисок ранг на натпреварување: ФК „Победа“ со 1.72 милиони денари и РК „Прилеп“ со 600 илјади денари

„Комисијата работеше според Правилник за утврдување на критериуми и постапки за доделување на средства од буџетот на Општина Прилеп донесен во 2012 година. Секој од апликантите доби различна сума, во зависност од висината на средствата добиена од други извори, важноста на проектот и бараната сума. Она што треба да се истакне, е дека имињата на здруженијата и клубовите чии апликации беа прифатени, како и висината на доделените средства, за прв пат беа соопштени транспарентно. Имено, записникот од состанокот на Комисијата за финансирање и буџет со точните суми и имињата на здруженијата на кои им беа доделени средства, им беше доставен на сите членови на Советот на Општина Прилеп, кои на последната седница можеа да дискутираат на оваа тема. Претходната локална власт не го правела тоа, туку ги соопштувала имињата само на оние здруженија кои добиле најмалку 180.000 денари“, истакнува првиот човек на Комисијата, Александар Китаноски.

Во контекст на искажаната транспарентност беше и средбата која со здруженијата, фондациите и спортските клубови кои аплицирале на јавниот повик, а во склоп на Граѓанскиот парламент, ја одржа прилепскиот градоначалник Илија Јованоски, а на која отворено се разговараше за критериумите според кои ќе се врши распределба на буџетските средства предвидени за таа намена.

Она што исто така треба да се напомени, е дека во вкупната сума на распределени средства по објавениот јавен повик, не спаѓа финансирањето на културните манифестации предвидени во рамките на Програмата за култура на Општина Прилеп. Тоа значи дека Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“, Мариовско-мегленските средби, Фестивалот на народни инструменти и песни „Пеце Атанасоски“ и слични манифестации, се финансираат со средства предвидени во рамките на Програмата за култура на Општина Прилеп.