Собраниската седница за европскиот предлог за почеток на преговорите на Македонија со ЕУ продолжува денеска во 11 часот. Единствена точка на дневен ред е Информација за содржината на Предлог-преговарачката рамка за пристапните преговори на Северна Македонија со Европската Унија, а пријавени за збор се вкупно 42 пратеника.
Првиот ден од собраниската расправа за европскиот предлог помина во тензична атмосфера, со надвикувања и свирежи, а додека говореше премиерот Димитар Ковачевски пратениците на ВМРО-ДПМНЕ користеа вивузели за да го надвикаат. Пред почетокот на собраниската седница, свое обраќање пред пратениците вчера имаше и претседателката на Европската комисија, Урсула Фон Дер Лајен.
Инаку, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски денеска повторно упати апел до граѓаните за мирен протест пред Собранието на РСМ. Тој повикува на одговорно однесување во клучен момент за демократијата, без обиди за насилство, креирање тензии и говор на омраза.
Од МВР информираат дека за време на вчерашните протести пред Собранието на РСМ биле уапсени 10 лица. Притоа, пет лица бил приведени поради фрлање тврди предмети кон полицискиот кордон пред Собранието, додека петторица други биле уапсени поради обид за кражба, со цел демонтирање на заштитната ограда пред зградата на Собранието, по член 236 од Кривичниот законик.