Над 100 загинати лица во Нагорно-Карабах во судирите меѓу Ерменија и Азербејџан

Над 100 загинати лица во Нагорно-Карабах во судирите меѓу Ерменија и Азербејџан

Воените судири меѓу Ерменија и Азербејџан околу спорниот регион Нагорно-Карабах продолжија и во текот на денешниот ден. Над 100 лица загинаа за неполна недела при ескалацијата на конфликтот, јавува Би-би-си. Рускиот министер за надворешни работи им понудил на двете земји Русија да биде домаќин на мировните преговори со кои би се спречила натамошна ескалација на конфликтот. Понудата доаѓа откако францускиот претседател Емануел Макрон на негова иницијатива разговараше со рускиот претседател Владимир Путин за прекинување на судирите во Нагорно-Карабах.

Руската страна се смета за клучен играч за двете страни, бидејќи и покрај нејзината официјална поддршка на Ерменија во деценискиот конфликт за Нагорно-Карабах, таа му продава оружје и воена техника и на Азербејџан. Од друга страна, азербејџанските власти ја добија поддршката од Турција во борбите за повторно заземање на Нагорно-Карабах, кој е меѓународно призната територија во границите на Азербејџан, но е населен со етнички Ерменци кошто се отцепија и формираа своја република непризната од ОН уште во времето на распадот на СССР.

Во меѓувреме, весникот „Гардијан“ од свои извори јавува дека во судирите меѓу Ерменија и Азербејџан досега загинале барем тројца борци од Сирија, за кои весникот тврди дека се префрлени од фронтот во Сирија за да се борат на азербејџанска страна од страна на турски безбедносни компании. „Гардијан“ анализира дека ваквото вклучување на Турција во досегашниот замрзнат конфликт околу Нагорно-Карабах може да доведе до подолги и покрвави судири меѓу Азербејџан и Ерменија.

Во меѓувреме, руската агенција ТАСС утрово јавува за обвинувањето на Азербејџан дека ерменски воени сили ги гранатирале градовите Тертер и Горадиз, коишто се наоѓаат на нивна територија. Азербејџан тврди дека од почетокот на судирите до денеска загинале најмалку 16 цивили, а 55 граѓани биле повредени во судирите со Ерменија. Ерменските власти соопштуваат за идентични гранатирања врз погранични населени места од страна на азербејџанските воени сили, а двете страни од ден во ден се обвинуваат за користење на софистицирана воена техника.

Извор: МЕТА

Прочитајте повеќе

Министрите од ЕУ се согласија да ги заострат санкциите кон Иран

Министрите од ЕУ се согласија да ги заострат санкциите кон Иран

На состанокот во Луксембург денеска (22 април) министрите за надворешни работи од земјите-членки на ЕУ …