Над милион Турци во Истанбул синоќа беа на гигантскиот собира наречен „Епопеја на победата за демократија“, со кој беше одбележана првата годишнина од обидот за државен удар, што се случи на 15 јули лани.

Мостот над Босфорот, наречен Мост на мачениците на 15 јули, кој е долг 1,5 километри, беше исполнет со луѓе, а според некои проценки имало над еден милион лица. На мостот беше извршено негово заземање со тенкови пред една година. Притоа  беа убиени повеќе луѓе, но тенковите беа запрени и не им беше дозволено да минат на другиот брег, што беше одлучувачкиот момент за неуспехот на пучот.

Точно на тоа место беше отворен меморијалот на мачениците од пучот на 15 јули, во кој загинаа 249 лица, а 2.100 беа ранети.

Синоќешниот гигантски собир почна со огромна поворка, на чие чело беа претседателот Реџеп Таип Ердоган и неговата сопруга Емине. Фатени за рака, тие минаа пеш од домот до мостот, заедно со голема група луѓе, меѓу кои семејствата и блиските на жртвите на превратот.

– Овој мост пред една година беше сведок на најкрвавиот злосторнички преврат во нашата историја. Но истата таа ноќ тој стана и сведок на победата. Како и денеска луѓето во рацете имаа единствено знамиња. Но тие имаа посилно оружје. Својата вера – рече Ердоган.

Ердоган од Истанбул замина за Анкара, каде по полноќ учествуваше на седницата на Парламентот во спомен на жртвите, која почна во 2:32 минути по локално време, кога Парламентот беше подложен на напад од турски Ф-16 за време на пучот. Опозициските пратеници го бојкотираа настанот.

Во говорот во Анкара Ердоган изјави дека ќе го потпише законот за враќање на смртната казна, доколку му биде доставен.

Извор: МЕТА