Наесен ковид-случаите може да пораснат, но состојбата нема да е драматична

Вирусот не е исчезнат, па затоа наесен очекувањата се дека можно е да порасне бројот на новозаразени лица со ковид-19, но сепак не се очекува тоа да биде драматично. Ова е ставот на докторите кои Мета ги праша какви се прогнозите за есеноска со пандемијата која сега е стишена. Имаме околу до максимум шеесетина случаи на ден што е значително ниска бројка, но сепак, ваквата слика многу е извесно дека ќе се промени штом ќе залади.

Епидемиологот д-р Александар Стојанов смета дека сепак треба да има четврта доза вакцина за ризичните групи.

„Ковидов не е искоренет. Имаме неколу десетици случаи на дневно ниво иако нели за среќа нема починати лица. На почеток кога ги имавме овие бројки од по 50 на ден, се фаќавме за глава, но сега не е така. Добра работа завршија вакцините, но имаме и колективен имунитет“, вели Стојанов.

Тој објаснува дека за ковид не важи сезоната, бидејќи се покажа дека го има и во лето и во зима, но сепак, ризикот во зима е поголем затоа што луѓето седат во затворени простории.

„Веќе бевме во контакт со вирусот и сега е полесно. Кога дошол шпанскиот грип, имало 50 милиони жртви. Сега имаме антитела. Ова е РНК вирус, па тој лесно мутира. Во моментов Северна Кореја е жариште, тие немаа ниеден случај. И Африка е жариште па може да се случи некоја нова врста да се пренесе во Европа“, предупредува Стојанов.

Комисијата за заразни болести правеше испитување за да се види каква е ситуацијата меѓу населението во однос на антителата. Како што за Мета вели имунологот д-р Александар Петличковски, кој е и претседател на Комисијата за заразни болести, и прележувањето и вакцината обезбедуваат веројатност за лесно справување со болеста.

„Сите светски податоци зборуваат дека имунитетот и после прележана болест трае одредено време, со тоа што како поминува времето, шансите за нови инфекции се зголемуваат, но шансите за тешка болест остануваат многу ниски. Така што и прележувањето и вакцината, обезбедуваат многу добра веројатност за лесно справување со болеста, под услов да нема некоја на нова варијанта. А шансите за нова варијанта се помали сега отколку кога имаше многу случаи“, објаснува д-р Петличковски.

Тој смета дека е можно да има зголемување на бројките наесен, кое според него, нема да е драматично.

„Очекуваме да има пораст на бројот на новозаразени, бидејќи во овој момент вирусот не е исчезнат. Имаме постојано до 100 новооткриени случаи на дневно ниво, и уште многу неоткриени, но имунитетот кој го имаме како население, е одговорен што нема хоспитализации. Ние ќе ја дадеме на располагање четвртата доза, наскоро ќе излезе препорака за примање четврта доза. Третите дози силно ги препорачуваме како најдобра заштита од ковид“, потенцира Петличковски.

И микробиологот проф. Никола Пановски не очекува да има голем пораст на пациенти и хоспитализации од есеноска.

„Мислам дека доста и од вакцинираните веќе го поминале вирусот. Луѓето се заштитени од потешки форми“, вели Пановски.

Прочитајте повеќе

По четири дена измачување, се ослободуваат две од трите блокирани крстосници во Скопје

Приватните превозници утрово почнаа да ги отстрануваат автобусите кои во понеделникот, на 05 декември, ги …