Нагелсман заминува, Клоп дал начелна согласност за селектор

Нагелсман заминува, Клоп дал начелна согласност за селектор

Јулијан Нагелсман се повлекува од селекторската функција по катастрофата на германската фудбалска репрезентација на Светското првенство по сопствена „желба“, а фудбалската нација, која е на колена, треба да го добие својот „месија“. Јирген Клоп,соопшти денеска (3.07) Германскиот фудбалски сојуз (ДФБ), „веќе ја сигнализирал својата начелна подготвеност да ја преземе функцијата“.

Нагелсман призна дека по елиминацијата на Германија по натпреварот против Парагвај „многу размислувал“, а разделбата договорена на вчерашниот кризен состанок, за која наводно ќе добие отпремнина од седум милиони евра, му паднала „сè само не лесно“. Обраќајќи им се на навивачите, тој додава: „Од срце ми е жал и ме боли што ве разочаравме. Заслужувавте многу повеќе!“

Заедно со Нагелсман ќе замине и спортскиот директор Андреас Ретиг, по истекот на неговиот договор на крајот од годината. „Во врска со пополнувањето на селекторската функција“, соопшти Германскиот фудбалски сојуз, „раководството на ДФБ сега ќе побара разговор со Јирген Клоп“.

Фудбал СП 2026 | Шеснаесетфинале | Германија против Парагвај | Јирген Клоп за време на изведувањето на пенали
Јирген Клоп за време на изведувањето на пенали на натпреварот на Германија против Парагвај, 29.06.2026 година

Нагелсман уште претходниот ден го загубил својот последен поддржувач. На тричасовниот кризен состанок со претседателот на ДФБ Бернд Нојендорф, Ретиг, шефот на Бундеслигата Ханс-Јоахим Вацке и спортскиот директор Руди Фелер, дури и неговиот „телохранител“ Фелер се дистанцирал од него. Колку силно Сојузот ја туркал разделбата или пак навистина се работело за желба на селекторот, може да се насети од прошталните зборови на Фелер.

Одлуката на Нагелсман, според него, заслужува „наше почитување“, бидејќи „презема одговорност таму каде што би сакал и понатаму да создава…“. Нагелсман, што му служи на чест, „ја ставил репрезентацијата како целина над сопствената личност“. Тој „е и останува одличен тренер“ и „ќе продолжи успешно по својот пат“, оцени Фелер.

И Нојендорф го пофали 38-годишниот Нагелсман, кој на функцијата беше 1.015 дена и имаше договор до 2028 година, нарекувајќи го „одговорен и искрен човек кого сите го цениме“.

Истото, барем во иста мера, важи и за Клоп. Тоа дека поранешниот творец на шампионските успеси на Борусија Дортмунд и Ливерпул ќе ја преземе репрезентацијата е „сигурно како амин во црква“, цитира „Шпигел“ „влијателен врвен менаџер на еден водечки клуб“ од Бундеслигата. Клоп сè уште има договор до 2029 година како „Head of Global Soccer” во Ред Бул, каде што работи „со задоволство“. Но, наводно постои најмалку усна согласност според која може да замине доколку добие понуда од ДФБ. Се споменува и обесштетување вредно милиони евра.

Извор: DW