Наградата за животно дело на 54. МТФ „Војдан Чернодрински“ за Владимир Милчин и Бајруш Мјаку

Наградата за животно дело на 54. МТФ „Војдан Чернодрински“ за Владимир Милчин и Бајруш Мјаку

Годинешни лауреати на Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“, што  од 7 до 15 јуни по 54 пат ќе се одржи во Прилеп, се режисерот Владимир Милчин и актерот Бајруш Мјаку.

Според информациите од уметничката директорка на Фестивалот, Катарина Коцевска, љубителите на театарската уметност годинава во официјална конкуренција ќе ги проследат следните 8 претстави:

„Макбет“ од Вилијам Шекспир во режија на Нела Витошевиќ, а во изведба на ансамблот на НУ Македонски Народен Театар (МНТ). „Странци“ во режија на Нела Витошевиќ, а во изведба на НУ Драмски театар од Скопје.„На отворено“, според драмски текст на Мрожек, во режија на Андреј Цветаноски, ќе ја изведе НУ Театар „Комедија“ – Скопје. „Смртта на Дантон“ по текст на Џорџ Бихнер, во режија на Дино Мустафиќ, а  во изведба на Албански театар од Скопје. Претставата „Физика на тагата“ по текст на Георги Господинов, а  во режија на Милош Андоноски во изведба на „Трајко Господинов“, театар од Куманово. „Бакхи-краток преглед на распадот“ од Еврипид, во режија на Игор Вук Торбица, а изведба на Народен театар – Битола. „Животинска фарма“ од Орвел во режија на Љупчо Ѓорѓиоски, е претставата со која во официјална конкуренција ќе се натпреварува театарот „Антон Панов“ од Струмица. Театарскиот ансамбл „Војдан Чернодрински“ на градот домаќин, за престижните награди на МТФ ќе конкурира со претставата „Пиреј“ од Петре М. Андреевски, а во режија на Љупчо Ѓорѓиевски.

Фестивалот ќе биде отворен со концерт на театарска музика на Влатко Стефановски. Новина на ова фестивалско издание, е што повторно се враќаат разговорите на тркалезната маса, кои ќе се одржат после завршувањето на секоја претстава во конкуренција, а на кои ќе може да присуствува и театарската публика.

Според најавите на Коцевска, годинава Фестивалот ќе има нова интернет страница кој што ја изработуваат студентите на Факултетот за драмски уметности. Се подготвуваат  плакати, Фејсбук и Инстаграм профили на Фестивалот, така што онјалн ќе може да се следат сите активности од Програмата на МТФ.

„Новина е и тоа што од годинава ќе има награда на публиката. Прилепската публика, која што е најдобрата публика во Македонија, која што знае да следи театар, од оваа година ќе има можност да гласа за претставите. Наградата ќе биде статуетка во мермер, која што ќе го спојува градот и театарската уметност и ќе ја обезбеди Општина Прилеп. За ова веќе разговаравме со градоначалникот на Прилеп, Илија Јованоски“, вели Коцевска.

Во рамките на придружната програма, ќе бидат прикажани и бројни други претстави и од другите театарски куќи, коишто не учествуваат со свои проекти во конкуренција. 

Прочитајте повеќе

поточиња 2024

Поточиња викендов седум пати ја наполнија Филхармонија

Новото издание на детскиот фестивал Поточиња кое се одржа викендов во Македонска Филхармонија привлече огромен …