Наградениот роман „Амок – луксембуршка љубовна приказна“ од Тулио Форџарини објавен на македонски јазик

Издавачката куќа „Готен“ го најави објавувањето на романот „Амок – луксембуршка љубовна приказна“ со превод на макеоднски јазик.

Тулио Форџарини во својот роман пишува низ призмата на петнаесетгодишен протагонист кој живее на општествените маргини и проговорува за проблемите на социјалната изолација, запоставеноста, недостигот на перспектива, нарушувањето во однесувањето и бесмисленото насилство.

„Својата мисла во романот писателот ја пренесува на толку интензивен начин што го вовлекува читателот во фиктивниот свет на главните ликови кои, пак, се обидуваат да побегнат од стварноста“, соопштија од издавачката куќа Готен.

Книгата е опишана како сурова и страсна, на моменти шокантна и брутална, исполнета со сцени на секс и насилство, преку која Форџарини кажува многу важни нешта за современото општество и за некои од најважните тинејџерски проблеми на денешното време, од однесувањето на училиште преку користењето опијати до адолесценскиот секс.

Форџарини за своето дело „Амок – луксембуршка љубовна приказна“ во 2013 година ја добива наградата за литература на Европската Унија. Тој е луксембуршки писател роден во 1966 година. Автор е на неколку новели и раскази инспирирани од Ноар филмот (теми од големата депресија, детектиство и гангстерство) и од криминалитичкиот жанр. Инаку, завршил студии по историја по што работел како професор по историја, латински и географија.

Преводот го има направено Анета Симовска која e професор по италијански јазик и книжевност и преведувач од италијански на македонски јазик. Има објавено  многубројни преводи на дела од италијанската книжевност, меѓу кои: „Животно во срцето“ од Кристина Коменчини, „Украдена љубов“ од Дача Мараини, „Еден живот“ од Итало Звево, „Време за убивање“ од Енио Флајано, „Презир“ од Алберто Моравија, „Манастирот на сто гревови“ од Марчело Симони, „Осум планини“ од Паоло Коњети, „Во време на епидемија“ од Паоло Џордано.

Издавањето на книгата е поддржано од програмата „Креативна Европа“ на Европската Унија.

Извор:МЕТА

Прочитајте повеќе

Едукативен саем за млади од областа на воздухопловство

Едукативен саем за млади од областа на воздухопловство утре на Школка

Здружението за подобро воздухопловство Авикон од Скопје утре во Градскиот парк на Школка, во 11 …