Најава за нови кривични пријави против Ристески

Во својство на градоначалник, Ристески создал услови фирмата „Пела транс“ да биде избрана како најповолен понудувач во постапката за јавна набавка и со тоа ѝ овозможил да се стекне со противправна имотна корист во вредност од 77.031.890 денари, средства од буџетот на Општина Прилеп

Фирмата на чичкото на ексминистерот Миле Јанакиески не можела да учествува во постапките за јавни набавки поради неплатени обврски за даноци, бидејќи уште во билансот на состојбата за 2011 година фирмата се наоѓала на листата на должници од УЈП, со евидентиран долг за даноци и придонеси од преку 7.000.000 денари

Пишува, Зоран Милошески

Кривичната пријава која МВР ја поднесе против поранешниот градоначалник на Општина Прилеп Марјан Ристески, поради основано сомнение дека го сторил кривичното дело „злоупотреба на службената положба и овластување“, деновиве е во фокусот на интерес на прилепската јавност.

Со поднесената пријава излегоа на виделина сите оние сомнежи за кои јавноста долго време говореше, но кои заради недостаток на факти, спаѓаа во доменот на шпекулации. Фирмата „Пела транс“ која 13 години во континуитет ја добиваше работата за зимско одржување на улиците во градот, е во сопственост на Мире Синадиноски, чичко на ексминистерот Миле Јанакиески. Неколку години по ред висината на склучениот договор за таа цел изнесувала 14 милиони денари. Така било до минатата година, кога бил направен несекојдневен преседан – не само поради рекордно високата сума од 18 милиони денари за чистење на улиците во зимскиот период за сезоната 2017/2018, туку и поради тоа што договорот бил склучен на 16 октомври, еден ден откако Марјан Ристески ги изгуби изборите за градоначалник во првиот изборен круг.

Правниците велат дека станува збор за кривично дело за кое доколку во судска постапка се докажат обвинувањата, законодавецот предвидел високи затворски казни. Впрочем, обвинението дека Марјан Ристески, во својство на градоначалник, создал услови фирмата „Пела транс“ да биде избрана за најповолен понудувач на постапката за јавна набавка и со тоа ѝ овозможил да се стекне со противправна имотна корист во вредност од 77.031.890 денари, средства од буџетот на Општина Прилеп, доволно кажува за сериозноста на обвинувањето. Уште повеќе што фирмата на чичкото на Миле Јанакиески не можела да учествува во постапките за јавни набавки поради неплатени обврски за даноци, бидејќи уште во билансот на состојбата за 2011 година фирмата се наоѓала на листата на должници од УЈП, со евидентиран долг за даноци и придонеси од преку 7.000.000 денари.

На оваа тема се огласија и од Општинската организација на СДСМ од Прилеп, од каде што рекоа дека злоупотребите што ги вршела претходната власт на ВМРО-ДПМНЕ, а кои со години наназад биле „невидливи“ за Груевски, сега излегуваат на виделина.

– Марјан Ристески ѝ овозможил на „Пела транс“ да се стекне со противправна имотна корист од 1,2 милиони евра, пари од буџетот на Општина Прилеп. Во истиот случај се вмешани и заработиле кривични пријави вработените во Општината, Илија Карески, Љупчо Митрески и Ицко Чупаркоски, кои како членови на Комисијата за јавни набавки му овозможиле на сопственикот на „Пела транс“ да поднесе лажна документација. Тие, како членови на Комисијата од 2012 до 2017 година, одлучувале во секоја постапка за оваа јавна набавка. Во тендерската спецификација биле поставувани економски и технички услови што само „Пела транс“ ги исполнувала, со што оваа фирма била фаворизирана. Со кривичната пријава е опфатен и поранешниот директор на ЈП за ПУП Прилеп, Бранко Нешкоски, кој бил поставен за надзорен инженер, а не вршел реална контрола на сработеното и фактурираното. Ваквите злоупотреби за кои со години наназад предупредувавме, а беа „невидливи“ за власта на Груевски, сега се потврдуваат со серија кривични пријави – изјави претседателот на ОО на СДСМ Прилеп, Миле Талевски.

Според информациите до кои дојдовме, МВР работи и на неколку други предмети кои се однесуваат на ексградоначалникот Марјан Ристески. Се очекува дека во скоро време до Основното јавно обвинителство во Прилеп против Ристески ќе бидат поднесени нови кривични пријави.

Објавено во „Слободен печат“

Прочитајте повеќе

насилство насилник

Уапсени три лица од струшко осомничени за полови дејства со деца

Надлежниот јавен обвинител до Основниот суд во Струга достави предлог за определување мерка притвор и …