Филмски факт: „Најдолгиот пат“

Филмски факт: „Најдолгиот пат“ – снимен според сведоштвата на осудениците

Оралната историја или усмените сведоштва, како и филмот, раскажуваат приказни, што за многу општества каде што меморијата и историјата се специфично заплеткани, тие се докажана форма за верификување на меморијата

Оралната историја или усмените сведоштва, како и филмот, раскажуваат приказни, што за многу општества каде што меморијата и историјата се специфично заплеткани, тие се докажана форма за верификување на меморијата. Филмот „Најдолгиот пат“, зборникот „Темни кажувања“ и личните исповеди се токму тие верификатори на меморијата, пишува Вистиномер.

Македонскиот долгометражен игран филм „Најдолгиот пат“ е четврти наслов во филмографијата на режисерот Бранко Гапо. Снимен е во 1976 година на 35 мм лента, во вајдскрин колор техника, во продукција на Вардар филм и Македонија филм од Скопје.

Најдолгиот пат“ припаѓа на историскиот жанр, а негов сценарист е Петре М. Андреевски, кој сценариото го напишал според книгата „Темни кажувања“, зборник од усни кажувања на преживеаните од настаните во 1903 година кои ги забележал Кирил Ќамилов, а подоцна ги приредил како книга во чија реализација учествувале Мето Јовановски и Славко Јаневски, во издание на „Кочо Рацин“ 1962 година.

Филмски факт: „Најдолгиот пат“ – снимен според сведоштвата на осудениците

Книгата е составена од тринаесет приказни-сведоштва искажани од страна на девет усмени раскажувачи (старци и старици), подоцна доживеала и други изданија и била дел од лектирите за шесто одделение. Академик Влада Урошевиќ истакнува дека станува збор за една многу важна книга која била задолжителна литература за повеќе генерации на македонски писатели.

Во „Најдолгиот пат“ ја следиме голготата на стотици затвореници во предилинденскиот период во Отоманската Империја кои биле осудени на долгогодишни казни затвор (од 15 до 101 година) и прогонство (сургун) во Анадолија. Иако Отоманската Империја е во распаѓање, Македонија сè уште не била слободна, а народот бил репресиран заради помагањето на комитите. Турците опколуваат едно село во кое е во тек свадбарската свеченост, пукаат во селаните, ги собираат и повеќето од нив ги одведуваат во тврдина која е полна со затвореници од повеќе македонски села.

Филмски факт: „Најдолгиот пат“ – снимен според сведоштвата на осудениците

Осудениците во окови ги пренесуваат со воз до Солун, а потоа со брод до Мала Азија. По пристигнувањето на брегот, пределот низ кој се движат е пустински суров и Македонците се изложени на најразлични понижувања по патот, а се судираат и со курдските племиња. Во таа одисеја ја минуваат реката Еуфрат со чунови, поминуваат и покрај еден антички театар… па во октомври 1908 година осудените конечно пристигнуваат на местото каде што ќе ја издржуваат казната. Но, ги пречекува веста за амнестијата по прогласувањето на „хуриетот“, периодот на слобода по младотурската револуција, па како слободни луѓе можат да се вратат дома. Преживеаните селани тргнуваат повторно на пат до своите села..

Д-р Трајче Стамески во трудот „Орална историја и колективна меморија (Темни кажувања на Кирил Ќамилов и Невестата на змејот на Влада Урошевиќ)“, ја објаснува вредноста на „Темните кажувања“ како литературна предлошка за филмот „Најдолгиот пат“.

Овој антологиски филм во македонската кинематографија остварува интермедијална врска со првиот текст-расказ од книгата Темни кажувања со наслов „Од Дебарца до Дијар-Бакир и назад“, раскажана од Крсте Наумовски Иванов. Фактот дека, сепак, филмот има сценарио, во една поблага варијанта, ни дозволува на кинематографската фикција да гледаме како на структура организирана по моделот на вербалната приказна. Во оваа насока логиката на настаните во филмот на Гапо е речиси идентична со расказот. Во него е прикажана апсурдната одисеја на селаните од с. Врбјани, Охридско. Тие се приморани да пешачат од Македонија до Мала Азија, изложени на разни репресии, како казна од Турците, поради укажување заштита и помош на комититепишува д-р Стамески.

Тој истакнува дека приказните/раскази во оваа книга содржат ретки и драгоцени информации за историско- политичките и општествените превирања во Македонија на почетокот од минатиот век, кои доколку се интерпретираат од современа научна перспектива можат да понудат релевантни одговори и на многу актуелни историски и идентитетски прашања.

Се разбира дека во овие наративи е артикулирана индивидуалната/личната/субјективната перцепција на настаните од овој период, меѓутоа како материјали кои првично биле снимени на магнетофон од страна на Кирил Ќамилов, а потоа транскрибирани од други лица, се од непроценлива важност за усната историја: како медиум низ кој се артикулира минатото, тие се непобитен архефакт на меморијата, наведува Стамески.

Според Стамески, приказните/раскази во оваа книга содржат ретки и драгоцени информации за политичките и општествените превирања во Македонија на почетокот од минатиот век, кои се интерпретираат од современа научна перспектива можат да понудат релевантни одговори и на многу актуелни историски и идентитетски прашања.

Осудениците на најдолгиот пат од Прилеп до Мала Азија – снимена од репортерот на римска „Република“ во 1908 година, пред заминувањето за Дијарбекир, е поместена во тритомна книга „Прилеп и Прилепско низ историјата“
Осудениците на најдолгиот пат од Прилеп до Мала Азија – снимена од репортерот на римска „Република“ во 1908 година, пред заминувањето за Дијарбекир, е поместена во тритомна книга „Прилеп и Прилепско низ историјата“

Од вкупно 323 затвореници од Македонија, по 70-дневното патување до Дијарбекир, 121 никогаш не се вратиле.

Оралната историја или усмените сведоштва, како и филмот, раскажуваат приказни, но како што пишува Стамески, „во многу општества каде што меморијата и историјата се специфично заплеткани, усната историја се промовира како централна практика и докажана форма на верификување на меморијата“.

Филмот „Најдолгиот пат“, зборникот „Темни кажувања“ и личните исповеди се токму тие верификатори на меморијата.

Автор: Стојан Синадинов

Извор: МЕТА

Прочитајте повеќе

Македонија седма светска сила во хип-хоп

Македонија седма светска сила во хип-хоп и стрит денс

Скопје девет дена пулсираше во ритамот на хип-хопот, претворајќи се во вистински глобален центар на …