Најголем дел од фекалиите што ги создаваме се влеваат непречистени во реките и езерата (инфографик)

И по изградбата на неколку пречистителни станици за отпадни води во земјава, најголем дел од фекалиите што ги создаваме се влеваат непречистени во нашите реки, езера, акумулации и подземни води. Податоците на Државниот завод за статистика покажуваат дека загрижувачки 72,2 отсто од вкупното количество на создадени отпадни води се влеваат непречистени во подземните и надземните води.

Во 2018 година во нашите реки, езера и подземни води се испуштиле над 80 милиони метри кубни непречистени отпадни води. Вкупното количество отпадни води создадени во 2018 година е за 2,6 отсто помало во однос на 2017 година. Вкупното количество непречистени отпадни води во 2018 година се намалило за 10,6 % во однос на претходната година. Во 2018 година се забележува зголемување на пречистените отпадни води, кои достигнале износ од 30.783.000 метри кубни.

Ова зголемување од 32,2 отсто кај третманот на фекалиите пред да се испуштат во реките и езерата е резултат на пуштањето во употреба на новите пречистителни станици за отпадни води во Кичево и Прилеп во 2018 година, како и онаа во Струмица кон крајот на 2017 година.

Најголемо количество од непречистените отпадни води се испушта во водотеците на нашите реки. Над 46 милиони метри кубни фекалии биле исфрлени во реките само во текот на 2018 година, што најмногу придонесува за нискиот квалитет на водите во нашите реки. Поради ова, некои од реките, како што се: Вардар, Треска и Лепенец во Скопскиот регион, забрането е да се користат за пливање, ловење риба за исхрана и наводнување на земјоделски култури. Речиси 34 милиони метри кубни отпадни води се испуштени во подземните води, што пак може да доведе до опасност од загадување на некои од изворите за снабдување со вода за пиење.

За разлика од негативната македонска реалност, директивите на ЕУ јасно укажуваат на забрана за испуштање на отпадни води во реките, езерата и подземните води без претходно да се третираат во пречистителни станици. Без изградба на пречистителни станици за отпадни води и неопходен третман на сите фекалии што се испуштаат, нашата земја нема да може да ги задоволи европските стандарди за животна средина како претендент за идна земја-членка на ЕУ.

Извор: МЕТА

Прочитајте повеќе

полиција

Двајца приведени за убиството на лекарот во Железара

Две лица се приведени во врска со убиството на лекарот во скопската населба Железара, изјави …