Најмалку 36 лица се повредени на вчерашните протести во Србија, меѓу кои се и лидерите на опозициските партии „Двери“ и „Движењето на слободни граѓани“, Бошко Обрадовиќ и Сергеј Трифуновиќ, јавуваат српските медиуми. Телевизијата „Н1“ јавува дека Обрадовиќ бил повреден во судирите меѓу полицијата и демонстрантите пред српскиот парламент, додека Трифуновиќ на истата локација бил нападнат од дел од демонстрантите, пишува МЕТА.
Весникот „Данас“ пренесува дека протестите вчера се прошириле во Белград, Нови Сад, Ниш, Смедерево и Крагуевац, каде што исто така беа пријавени инциденти. Меѓу вчерашните повредени лица се и новинар на новинската агенција „Бета“ и две новинарки на порталот „Нова“. Радио-телевизија Србија пак одвоено јави дека новинарот и снимателот на нивната телевизија биле нападнати во Нови Сад, при што демонстрантите им ја искршиле камерата и го повредиле новинарот.
На социјалните мрежи се споделуваат видео снимки од интервенцијата на полицијата, на која можат да се видат и брутални сцени на претепување на демонстранти. Агенцијата „Бета“ објави дека нивен новинар бил претепан од полициски службеници во Белград, и покрај тоа што им ја покажал новинарската легитимација.
Во Нови Сад биле искршени стакла на објектот на Радио-телевизија Војводина, запалена била вратата на Градската куќа, а бил оштетен и ресторанот на „Мекдоналдс“, јавува „Данас“. Во Ниш со камења и јајца било нападнато седиштето на Српската напредна странка на претседателот Александар Вучиќ.
Српскиот министер за внатрешни работи Небојша Стефановиќ изјави дека полицијата не одговарала на „насилството на демонстрантите“ до оној момент додека не била приморана на тоа. Тој изјави дека имало обид за насилно уривање на власта, како и дека протестите биле нелегални и непријавени во полицијата.
Од иницијативата „Не давимо Београд“ велат дека насилството во српските градови е добро изрежирана претстава на властите за да се прикаже незадоволството на граѓаните како насилно. Протестите ги поддржаа и сите опозициски лидери, кои побараа оставки од Кризниот штаб за справување со корона вирусот, одговорност на полицијата за претепувањето граѓани и објективно известување на Радио-телевизија Србија.
Известувачот на Европскиот парламент за Србија Владимир Билчик го осуди насилството на протестите, дополнувајќи дека мора да се почитува правото на изразување мислење на мирен начин. Портпаролката на Европската комисија, Ана Писонеро изјави дека рестриктивните мерки за заштита од ковид-19 не смеат да ги загрозат основните права и слободи во Србија, вклучувајќи го и правото на мирен протест.