Најмалку 81 жртва од поплавите во Германија, околу 1.300 лица се водат како исчезнати

Најмалку 81 жртва од поплавите во Германија, околу 1.300 лица се водат како исчезнати

Расте бројот на загинати и исчезнати лица во големите поплави што го зафатија западниот дел на Германија. Најмалку 81 жртва е пријавена досега, а најсилно се погодени двете германски покраини Северна Рајна Вестфалија и Рајнската област-Пфалц, јавува Гардијан. Германските медиуми јавуваат за загрижувачки бројки на околу 1.300 лица кои се водат како исчезнати, а властите водат напор да ги пронајдат овие лица.

Сепак, медиумите додаваат дека големата бројка на исчезнати е резултат и на оштетената инфраструктура, која доведе да не функционира и мобилната телефонија во одредени населени места. Цели делови од земјата се отсечени поради уништените мостови од надојдените води во поплавите кои се сметаат за едни од најкатастрофалните во изминативе неколку децении, јавува Би-би-си.

Армин Лашет, премиерот на покраината Северна Рајна Вестфалија ги потенцираше климатските промени и глобалното затоплување, посочувајќи дека мора да се преземат мерки за заштита од климатските промени.

Весникот Гардијан ги пренесува ставовите на климатолозите по катастрофалните поплави во Германија, на кои претходеше екстремното топло време во САД и Канада со измерени 49,6 степени пред само две недели. Тие посочуваат дека за 48 часа во двете германски покраини наврнале 148 литри на метар квадратен дожд, иако просекот за целиот месец јули во тој дел на Германија е 80 литри на метар квадратен.

Експертите веќе подолго време наназад повторуваат дека покачувањето на просечните температури на воздухот на Земјината топка како резултат на емисиите на стакленички гасови може да предизвика повеќе поплави, топлотни бранови, бури и сушни периоди, но сега тврдат дека најновиот развој на настаните ги надминува многу од нивните очекувања.

„Изненаден сум од тоа колку е ова далеку над претходниот рекорд“, изјави за Гардијан Дитер Гертен професор по хидрологија и климатологија на глобалните промени на Институтот за истражување на влијанието на климата од Потсдам и додава: „Се чини дека не само што сме над нормалното туку и во домени што не ги очекувавме во однос на просторната мера и брзината со која се развиваат“.

Извор: МЕТА

Прочитајте повеќе

Трамп пред суд: Прв кривичен процес против екс-претседател

Трамп пред суд: Прв кривичен процес против екс-претседател

За првпат во американската историја денеска почнува кривичен судски процес против еден поранешен американски претседател. …