Српскиот јутјубер Богдан Илиќ, познат како Бака Прасе, се најде среде скандал откако преку социјалните мрежи беше обвинет дека заведувал и имал сексуални односи со малолетни девојки.
На социјалната мрежа Инстаграм се појавија пораки во кои изгледа дека дваесет и тригодишниот јутјубер убедува девојчиња да му испратат разголени фотографии и да го посетат во неговиот нов дом. Во соседна Србија веќе со денови кружат пораките, а самиот јутјубер се огласи со видео во кое признава дека дел од пораките се вистинити. Тој призна и дека спиел со една од девојките, но не знаел дека е малолетна, затоа што го лажела за годините. Според неговите зборови, таа му рекла дека е родена во 2002 година, иако подоцна се воспоставило дека е две години помлада. За другиот дел од пораките пак, јутјуберот и инфлуенсер тврди дека се лажни и наместени, пишува МЕТА.
Во видеото Илиќ постојано користи навреди и ги нарекува со погрдни зборови девојките со кои се допишувал и чии разговори протекоа на интернет, како и девојката која ги објави овие допишувања. Илиќ во друго видео најави две тужби против неа, една поради материјалната штета која му е нанесена, а другата поради емотивната болка и предизвиканиот стрес.
„Ќе поднесам приватна тужба затоа што оваа девојка ми нанесе материјална и нематеријална штета. Материјална затоа што сега спонзорите масовно ми откажуваат соработка, а нематеријална затоа што ми го повреди угледот и што сега доживувам душевен стрес“, вели Илиќ во видеото.
Понатаму, познатиот јутјубер изнесува и друго признание кое не остана незабележано. Тој јасно признава дека поседувал аудио снимки со сите девојки со кои излегувал, за да не дојде, како што вели, до тоа подоцна да биде обвинет за силување. Тој додава дека сепак престанал да ги снима разговорите и дека сите снимки сега се избришани.
Поради обвинувањата, српскиот јутјубер се соочи со раскинати договори од страна на дел од спонзорите, од кои месечно во просек заработувал и до 40.000 евра. Компаниите кои соработувале со него се оградуваат од оваа афера, а тој во едно од своите видеа вели дека ги разбира и ја поддржува нивната одлука.
Илиќ тврди дека е невин, дека не прекршил ниту еден закон и тоа ќе го докаже на суд. И овојпат не пропушти во видеата да се пофали со своите пари. Рече дека независно од случувањата, тој ќе остане богат и ќе се стекне со уште повеќе пари токму поради оние кои му ги гледаат видеата.
Бака Прасе е инфлуенсер со 1,8 милиони следбеници на ЈуТјуб и еден милион следбеници на Инстаграм, од кои најголем дел се малолетни лица. Тој и претходно беше обвинуван за ширење шовинизам и хомофобија, но сегашните обвинувања за педофилија се далеку посериозни од сите претходни. И покрај тоа што голем број млади лица неговото влијание врз тинејџерите го сметаат за лошо и погрешно, неговите видеа и понатаму бележат огромен број на прегледи.