Украинскиот претседател Володимир Зеленски повторно ѝ предложи на Русија меѓусебен прекин на нападите врз енергетската инфраструктура, пренесува Гардијан.
„Ако Русија е подготвена да ги запре ударите врз нашата енергетска инфраструктура, ние ќе возвратиме со истото“, изјави тој, додавајќи дека предлогот веќе бил пренесен до руската страна преку САД.
Минатата недела Зеленски предложи и прекин на огнот за време на Велигден, кој православните верници во Русија и Украина го одбележуваат на 13 април.
Но, во изјава во понеделникот, по ноќниот напад врз црноморското пристаниште Одеса, во кој загинаа три лица, а најмалку 16 беа повредени, Зеленски оцени дека Русија веројатно нема да го прифати примирјето.
„Повеќепати предложивме барем велигденско примирје, но за нив сите денови се исти. Ништо не е свето“, рече тој.
Русија во средата тврдеше дека има целосна контрола врз украинската област Луганск, што Киев го негираше. Руското Министерство за одбрана соопшти дека нивните сили го презеле целиот регион, кој е дел од Донбас, но украински воен претставник изјави дека мали делови сè уште се под контрола на украинските сили.
Во меѓувреме, руското Министерство за одбрана соопшти дека украински беспилотни летала нападнале нафтен терминал на Каспискиот нафтоводен конзорциум во јужна Русија, при што бил оштетен пристанишен дел и се запалиле четири резервоари со нафта. Украинската армија, пак, соопшти дека цел на нападот бил друг терминал во пристаништето Новоросијск. Овој нафтовод транспортира околу 1% од светското производство на нафта и околу 80% од извозот на Казахстан.
Исто така, Руски брод што превезувал пченица, за кој се верува дека потонал во Азовското Море по напад со дрон, бил пронајден и извлечен до брегот, соопшти руската државна агенција ТАСС. Бројот на загинати во инцидентот се искачи на три лица.
Извор: МЕТА
ПУБЛИКУМ Вистината на прво место