Наместо роденденска честитка за другар ми Сашо...

Наместо роденденска честитка за другар ми Сашо…

Пишуваат: Зоран Милошески и Сашо Маркоски

Иако новинар со двеиполдецениско искуство, кариерата по порталите ја започнав пред 4-5 години, пишувајќи колумни под псевдонимот Чеге Вара, во порталот РеволуционерМк. Стилот на пишување и именувањето на работите и луѓето со нивното вистинско име, беше причина кон средината на 2015 година, на моја адреса сѐ почесто да стигнуваат закани од отворен карактер, од скриени и вистински фејсбук профили. Бидејќи работата стана прилично сериозна, што се покажа подоцна со опожарувањето на гаражата и на автомобилот, случаите ги пријавив во полиција. Ама, нејсе, не ми е тоа муабетот…

Во една прилично депресивна ноемвриска вечер, во не така далечната 2015 година, во времето на полниот налет на груевизмот, мојот долгогодишен, драг и искрен пријател, струшкото идеолошко вмровче, како што јас го викам, Сашо Маркоски, се јави и ме замоли за услуга. Рече: „Ти испратив на мејл едно писмо. Вети ми дека тоа што ти го испратив ќе го објавиш на порталот кај што пишуваш“? Му ветив. Откако го прочитав писмото, му се јавив, му се заблагодарив за напишаното и побарав од него да го повлече барањето, да ми дозволи да го прекршам ветувањето. „Не“, рече. „Прв пат барам нешто од тебе и инсистирам да го одржиш дадениот збор“. Така и беше… го објавив писмото, кое денеска го реобјавувам во неговата интегрална форма.

Зошто токму денеска? И зошто ви го кажувам сето ова?

Никогаш досега јавно, на медиум, никому не сум честитал роденден. Ама, како што рекле, за сѐ има прв пат. На другар ми Сашо еднаш му ветив дека ќе му посветам една колумна. И никако да дојде тој ден. Ама ете, дојде, иако ова и не е класична колумна. Неважно. Другар ми Сашо ја имаше таа “несреќа“ да се роди на еден фамозен датум, 15 септември, кој за повеќемина приврзаници на неговата политичка опција претставува ноќна мора. Што ќе рече, денеска на другар ми Сашо Маркоски му е роденден. Е па другарче, нека ти е среќен роденденот и заедно со семејството да го славите уште долги години. Нема да ти речам да останиш таков каков што си, бидејќи ти поинаков и не можиш да бидиш. Оти не можиш да бидиш ништо друго освен она што отсекогаш си бил – ЧОВЕК!

 

На другар ми Чеге Вара…

„Не се согласувам со твоето мислење, но до смрт ќе го бранам твоето право да го изразиш!“ – Волтер

Чудни и неразбирливи се патиштата господови, другар Че. Наместо ти мене, како што отсекогаш ми се “закануваше”, испадна јас да ти посветам колумна тебе на твојот портал.

Поводот за жал непријатен и општо познат – упатените закани по твојот живот, заради јавно напишаниот збор. Но тоа е мојата чудесна Македонија –  земја на мртви херои и живи предавници!

И еве брату Че, јас како асли вмровче што би рекол ти, јавно застанувам во одбрана на твоето право на пишан збор, колку и да не се согласувам со твоето мислење. Толку барем можам. А тебе ти останува да се носиш и да се избориш со тоа што те снајде. “Уби ме туѓа срамота”, би рекле браќа Срби на ова. Оти, демек, мои се овие што ти се закануваат. Ама тоа е бе другар Че, од страв се бега – од срам не! Ќе помине и овој уриет, а треба пак да се видиме со тебе како и досега. На кафе, на ручек, на муабет. И не сакам да ми биде непријатно тогаш и да ти се правдам: А бе брат извини, такво беше времето, знаеш, мораше да молчам. Времето е секогаш исто, само луѓето се менуваат. А и не постои доволно богат човек на светот што може да си го откупи сопственото минато.

Кога сме кај минатото, другарот Че го запознав во далечната 2001 поствоена Македонија, на семинар во Охрид организиран од Freedom House со поддршка на домашната НВО Евро-Балкан, тогаш просдсмовска, денес нејзините челници се вмровски амбасадори по светот. Ова онака тековно, колку да се знае. Јас тогаш тврд вмровец и накурчен до даска против ЕУ и НАТО и останатите белосветски душмани против жална Македонија што војна ни направија, и шеф на кабинет на легендарниот струшки градоначалник – Ромео Деребан. Тој опран комуњар и социјалдемократ по душа и “ситно референтче” во Општина Прилеп кај Пиргано, а во “слободно време“ и новинар. И нормално, одма се искаравме. Ама и двајцата аплициравме за студиско патување во Америка. Тоа ти е животот. НАТО не го сакав, ама брат Америка си е Америка, а башка и се’ платено за таму. Од над стотина апликанти, ги избраа осумте најдобри. И во тие осум, бевме и ние двајца.

И бидна. Отидовме Америка, си поминавме прекрасно, а и многу научивме. Станавме и добри пријатели. Ама си останавме големи идеолошки противници. Заедничка ни беше само љубовта кон Македонија. Да бе, и јас дотогаш не верував дека и комуњарите може да бидат патриоти, ама Че ме убеди во спротивното. Не со зборови, ами со ДЕЛА. Од срце ја бранеше вистината за Струга и стружани во своите текстови во далечната 2004 – 2005 година, од специјалците на Бучкоски и Хари Костов и политиката на Црвенкоски. Тогаш кога многу од денешниве партиски вувузели, што би рекол тој, во своите текстови се колнеа во Бранко, а денес истите се крстат во Никола. А ме бранеше и мене џанам. Оти ја осмислив и спроведов ПИ-АР кампањата на струшкиот отпор, а за тоа и јас добивав по некоја закана. Да ги потсетам новиве вмровци, тогаш СДСМ беше на власт во Македонија. А и не морам баш. Си знаат тие, оти тогаш голем дел од нив беа во СДСМ и тоа на високи позиции.

А и некако иста карма како да имавме со другаров Че. Само не знам кој е малерот, тој или јас. По смената на локалната власт, и двајцата добивме откази од работа. Јас од неговите, тој од моите.

И Че продолжи да пишува. Само што “сороспииве” не му објавуваа баш многу оти беше 20.000 пати почитан од сопствениците на соросоидните портали, а кај “куририве” немал ни желба да објавува. Му остана само РеволуционерМк. И стана бренд на порталот – Зоки другар ми.

Е јебига другар Че, затоа немаш стан во иста зграда со премиеров. Не возиш скапи коли, а и банкарската сметка не ти е нешто за фалење.

Пак по старо, Че и таму си ја пишува својата вистина. Повеќе ги критикува своите, отколку другите. Му се лутеа за тоа и Бранко и Бучко и Хари, а и локалниве прилепски комуњари не го љубат многу. Затоа и е локален новинар од Прилеп, а не “умишљена” новинарска величина во Скопје.

И да се вратам на почетокот, до сите оние кои упатуваат закани. Човек можеш да го натераш да молчи, но не и да мисли. Кога ќе помине ова време – невреме ќе сфатат дека бранејќи го вака и мојот премиер, со своите постапки му нанесуваат повеќе штета отколку корист, и на премиерот и на ВМРО-ДМПНЕ. Бранејќи ја слободата на говор и пишан збор, се браниме и самите себе си и ВМРО-ДМПНЕ и демократијата во Македонија. Еден ден и нас ќе треба некој да не’ брани…

ПС: На вистинскиот Че не му ги пресекле рацете затоа што пишувал против власта.

Сашо Маркоски, другарот роден на 15-ти септември.

Прочитајте повеќе

Наративите на ВМРО-ДПМНЕ за Пендаровски се главно проблематични и кокетираат со невистини

Наративите на ВМРО-ДПМНЕ за Пендаровски се главно проблематични и кокетираат со невистини

Поентата што сака да ја постигне противничката партија е дека Пендаровски, всушност, не е човек …