Напад врз полицијата на северот на Косово

Напад врз полицијата на северот на Косово

Припадник на косовската полиција бил полесно повреден во вооружен напад на северот на Косово, соопшти полицијата на Косово, од каде што наведуваат дека нападот се случил околу 23:00 часот во селото Србовац во општина Звечан. Дежурните единици биле нападнати од „вооружени лица од возило Ауди, сива боја, регистарски број КМ“, што е број на регистарска табличка издадена од властите на Србија. На местото на настанот пристигнале полициски единици за увид, а повредениот полицаец бил пренесен во болница. Нападот се случил неколку часа откако косовската полиција го зголеми присуството на северот на Косово, каде што инцидентите зачестија во последните денови.

Косовската Влада демантира дека специјални сили се испратени во северниот дел на земјата

Набргу по соопштението на косовската полиција, пред медиумите се обрати и шефот на Канцеларијата на Владата на Србија за Косово Петар Петковиќ кој рече дека косовскиот премиер Албин Курти продолжил со „незаконски и насилни акции насочени кон окупација на северот на Косово“. Тој не даде никаков доказ за своите тврдења. „Белград, во согласност со резолуцијата 1244, ќе го разгледа враќањето на до 1.000 наши безбедносни сили на северот на Косово, како што е предвидено во Резолуцијата 1244, член 4 и член 6 од Анекс 2“, рече Петковиќ. Тој рече дека, според информациите, меѓу 300 и 350 припадници на косовската полиција синоќа во 20 часот и 30 минути влегле во северна Митровица и потоа биле распоредени во делови од градот меѓу населението. Петковиќ наведе дека меѓу косовските полицајци имало и припадници на полицијата со панцири и специјални единици со оклопни возила.

Инциденти за време на подготовките за избори на северот на Косово

На 7 декември беа фрлени две експлозивни направи во Северна Митровица, а ден претходно имаше инциденти во Северна Митровица и Зубин Поток, кога беа демолирани канцелариите на Централната изборна комисија на Косово. Употребени се огнено оружје и рачни бомби. Во четири општини на северот на Косово – Северна Митровица, Лепосавиќ, Звечан и Зубин Поток – живее мнозинско српско население. Во тие општини локалните избори се закажани за 18 декември. Српската листа, најголемата српска партија на Косово, која има поддршка од официјален Белград, се противи на нивното одржување.

Извор: Радио Слободна Европа

Прочитајте повеќе

Ден на жалост во Босна и Херцеговина

Ден на жалост во Босна и Херцеговина

Во Босна и Херцеговина е прогласен Ден на жалост, откако во поплавите и одронот на …