Народна банка проектира пад на економијата од 4,9 проценти, наместо предвидениот од 3,5 во април

Народна банка проектира пад на економијата од 4,9 проценти, наместо предвидениот од 3,5 во април

Народната банка на Северна Македонија за 2020 година проектира пад на економијата од 4,9 проценти, наспроти предвидениот пад од 3,5 проценти во април, покажуваат најновите редовни макроекономски проекции.

Народна банка изврши надолна ревизија на проекциите за развој на економијата поради послабите остварувања во првата половина на годината и оценките за побавно закрепнување во втората половина, поради вториот бран на пандемијата.

„Најголем пад има кај бруто-инвестициите ‒ од 12,8 проценти во услови на намалени странски директни инвестиции како и послаби домашни инвестиции од страна на приватниот и јавниот сектор. Личната потрошувачка е со пад од околу 4 проценти во услови на пад на расположливиот доход на населението, при неповолни поместувања на пазарот на труд и помали приватни трансфери, но и поголема воздржаност од потрошувачка. Извозот ќе забележи пад од 11,7 проценти поради намалена странска побарувачка и привремен застој во глобалните синџири на снабдување. Намалената лична и инвестициска побарувачка, заедно со падот на извозот ќе доведат и до помали увозни притисоци, односно увозот ќе се намали за околу 12 проценти,“ истакна гувернерката на Народна банка, Анита Ангеловска Бежовска.

Во однос на инфлацијата, Народна банка прави умерена нагорна ревизија од 0 на 1,1 отсто.

„Ризиците за проектираната инфлација се главно поврзани со неизвесноста околу увезените цени на храната и на енергенсите кои имаа значително учество во потрошувачката кошничка, како и можни ограничувањата на понудата поврзани со пандемијата,“ додаде Ангеловска Бежовска.

Народна банка евидентира солиден депозитен и кредитен раст, коишто се над априлските очекувања, годишен раст на крајот на третиот квартал од 5,4 проценти и 7,3 проценти.

„Солидниот раст на кредитната активност е резултат на солидниот депозитен раст како главен извор на финансирање, олабавената монетарна политика, регулаторните промени и реструктуирањето на кредитите, како и поволните кредити од Развојната банка,“ објасни гувернерката.

Најновите оценки за периодот 2020-2023 гoдина упатуваат на продолжени ефекти од пандемијата, напроти априлските оцени за пократкорочен карактер на здравствената криза.

„Проекциите за домашната економија укажуваат на поголем пад оваа година и поумерено натамошно закрепнување. Ризиците за проекциите и натаму се надолни и се речиси целосно поврзани со пандемијата, иако побрзиот напредок во развојот на вакцината е позитивен фактор,“ потенцираше Ангеловска Бежовска.

За следната година се предвидува пораст на економијата од 3,9 проценти. Проекциите се дека од 2021 година се очекува закрепнување со позитивен придонес на сите компоненти на растот во услови на поповолно надворешно и домашно опкружување и намалена неизвесност, што поволно влијае врз одлуките за инвестирање и потрошувачката, кои што ќе бидат поддржани и од солидната кредитна активност.

Извор:МЕТА

Прочитајте повеќе

Германија: Повеќе работа не значи секогаш и повеќе пари

Германија: Повеќе работа не значи секогаш и повеќе пари

Откако актуелната влада го подигна нивото на социјална помош, се водат дебати дали воопшто се …