По вчерашната прес-конференција на Трифун Костовски, најголем акционер и поранешен претседател на Управниот одбор на Еуростандард банка, кој обвини дека Народната банка на Северна Македонија (НБРСМ) и поранешното раководство на Еуростандард банка се виновни за нејзиното пропаѓање, со соопштение до јавноста денеска се обрати Народна банка. Таа порачува дека Еуростандард банка немала доволно капитал, а сопствениците не понудиле реално решение за нејзино продавање на странски инвеститор, како и дека НБРСМ инсистирала да се направи докапитализација на банката.
Костовски вчера обвини дека НБРСМ е виновна затоа што правела опструкции и не дозволувала банката да биде купена од странски инвеститор, а поранешниот менаџмент затоа што на своја рака правел злоупотреби на капиталот и манипулативни трансакции и најави кривични пријави против државата и против поранешниот Управен одбор (УО).
Денеска НБРСМ порача дека во изминатите два дена биле изнесени невистини и дека сите мерки што ги презела кон „Еуростандард банка“ АД Скопје се за заштита на депонентите на Банката.
„Со ограничувањето на кредитирањето се заштитија депозитите на депонентите. Ако не се стореше тоа, Банката, депозитите на граѓаните и компаниите ќе можеше да ги пласира во кредити, а без да има доволен капитал. Народната банка мораше и на овој начин да ги заштити граѓаните и компаниите – депоненти на „Еуростандард банка“ АД Скопје и го стори тоа“, порача Народна банка.
Наспроти обвинувањата од Трифун Костовски дека НБРСМ не дозволувала Еуростандард банка да биде купена од странски инвеститор, Народна банка вели дека повеќе пати на сопствениците им укажувала за потребите од докапитализација на Еуростандард банка, како и дека сопствениците не изнеле реално решение за пренесување на сопственоста на нов инвеститор.
„Со вложениот капитал од сопствениците во 2019 година, Банката ги достигна минималните законски барања кои од денешна перспектива значат обезбедени дополнителни 11 милиони евра капитал во билансот на Банката.
Сопствениците не го обезбедија потребниот капитал за првата половина од оваа година, ниту изнесоа издржано и реално решение за пренесување на сопственоста на инвеститор којшто би извршил докапитализација на Банката во обем и со динамика кои би овозможиле нејзина одржливост, со оглед на состојбата во која Банката се наоѓаше.
Стручните служби и раководството на Народната банка, свесни за сериозноста на состојбата во Банката, но и за поширокиот контекст на пандемијата на ковид-19, вложија максимални напори, во законски рамки, да се изнајде поповолно решение. Во интензивната комуникацијата со сопствениците, Народната банка постојано јасно укажуваше на сериозноста на состојбата во којашто се наоѓаше Банката и инсистираше на итна докапитализација, потенцирајќи дека ако не се случи докапитализација, Народната банка ќе нема друг избор освен преземање на најстрогата мерка – укинување на дозволата за основање и работење на Банката“, се вели во соопштението од Народна банка.