Народна банка НБРСМ

Народната банка ја зголеми основната каматна стапка на 2,5 отсто поради инфлацијата

Комитетот за оперативна монетарна политика на Народната банка се одлучи на ново зголемување на основната каматна стапка на благајничките записи за 0,5 процентни поени до нивото од 2,5 отсто, информираат од Народната банка. Понудата на благајнички записи на редовната аукција не се промени и изнесува 10 милијарди денари, одлучил Комитетот на редовната седница што се одржала вчера.

„Се очекува дека досегашното зголемување на каматните стапки, заедно со направените промени во стапките на издвојување задолжителна резерва во домашна и странска валута, и понатаму ќе делуваат и на каматната политика на банките преку поттикнување на штедењето во домашна валута“, се вели во соопштението на централната банка.

Од Народната банка велат дека при носењето на одлуката биле земени во предвид најновите движења кај инфлацијата, чија што годишна стапка за периодот јануари-јуни 2022 година изнесувала во просек 10 отсто. 

„Најголемиот дел од домашната инфлација е резултат на притисокот од увозните цени на храната и енергијата, коишто досега растат посилно од очекуваното. Овие притисоци брзо се прелеваат врз цените и на останатите производи и услуги и дополнително ги подгреваат инфлациските очекувања. Најновите податоци и очекувања на светските пазари навестуваат постепено стивнување на ценовните притисоци. Имено, за првпат по извесно време очекувањата за цените на храната се ревидирани надолу“, се наведува во соопштението на Народната банка.

Тие додаваат дека девизните резерви се во сигурната зона, а нивното ниво ги задоволува барањата за адекватност согласно со меѓународните стандарди. Последните расположливи и високофреквентни податоци од девизниот пазар упатуваат на натамошно намалување на нето-побарувачката на девизи на небанкарскиот сектор, кои ѝ овозможиле на Народната банка во текот на јули за првпат од септември 2021 година да оствари откуп на девизи.

Од централната банка појаснуваат дека во првиот квартал од 2022 година, активноста во домашната економија остварила реален раст од 2,4 отсто на годишна основа, а расположливите месечни податоци за економската активност за вториот квартал засега упатуваат на слични движења и во овој период.

Од Народната банка велат дека ризиците за целокупниот макроекономски контекст и натаму се изразени и се претежно поврзани со надворешното опкружување, првенствено неизвесноста поврзана со текот и времетраењето на воениот конфликт помеѓу Русија и Украина и неговото влијание врз цените и економската активност во глобални рамки, но и ризиците од пандемијата на ковид-19, којашто сѐ уште не е завршена.

Инаку, според последните податоци од Државниот завод за статистика, инфлацијата во земјава во текот на јуни 2022 година достигна нов рекорд од 14,5 отсто, во споредба со идентичниот месец лани.

Извор:МЕТА

Прочитајте повеќе

банкноти пари плата пензии буџет долг Долговите

Унгарските пари кај фирмите до крајот на неделата – што досега е познато?

Сè уште не е комплетиран списокот на банки кои ќе ги даваат кредитите со парите …