Националната аеронаутичко-вселенска управа на САД (НАСА) објави дека ќе испрати две нови мисии на Венера со цел да ги истражи атмосферските и геолошките карактеристики на планетата. Овие мисии вредни околу 500 милиони долари треба да започнат во периодот помеѓу 2028 и 2030 година.
Двете мисии биле избрани врз основа на нивната потенцијална научна вредност и изводливоста на нивните планови за развој.
Првата мисија, наречена „Давинчи+“ треба да ја измери атмосферата на Венера за да се добие увид во тоа како планетата се формирала и развивала, но и да утврди дали некогаш таму имало океан.
Втората мисија „Веритас“ треба да ја разбере геолошката историја на Венера и како таа можела да се развие толку различно од планетата Земја, но и да испита дали сѐ уште има активни вулкани и земјотреси.
Администраторот на НАСА, Бил Нелсон, мисиите ги опишува како „шанса да ја истражиме планетата на која не сме биле повеќе од 30 години“. Последната американска сонда која ја посети Венера беше во 1990 година, но во меѓувреме други вселенски летала од Европа и Јапонија кружеа околу планетата.
Венера е втората најблиска планета до Сонцето и е најтоплата во Сончевиот систем, со температури на површината и до 500 степени целзиусови.